Во новата сезона од Лигата на шампионите во групата каде што е Вардар еден двобој се изделува бидејќи на него ќе има пресметка со шампионот на Франција, ПСЖ. Од ЕХФ овој дуел го ставаат во групата на седумте ривалства кои ќе ја одбележат сезоната во најсилното натпреварување во двете конкуренции.
Вардар и ПСЖ досега се имаат сретнато четирипати, а од ова двапати беа пресметки на Ф4 турнирите во Келн каде што и двете екипи имаат по една победа. Сепак, многу поголема е онаа на Вардар бидејќи во 2017 година така „црвено-црните“ дојдоа до првата титула во Лигата на шампионите.
Сега улогите се сменети барем што се однесува до силината на составот. Тренерот со кој Вардар ја освои првата круна веќе трета сезона е на клупата на ПСЖ. Раул Гонзалес и годинава ќе ги води шампионите на Франција, а во тимот ќе биде и поранешниот член на вардарци, Даинис Кристопанс. Тоа ќе биде уште едно ривалство плус, па оттаму ќе биде интересно на нивните дуели.
Во споредба со лани, Вардар има изменет тим. Дојдоа многу нови имиња, останаа дел од ѕвездите, но сега треба сето тоа да се вкомпонира. За разлика од Вардар, ПСЖ и понатаму на располагање има огромен број на ѕвезди и ова ќе биде нов обид конечно да се дојде до круната.
Сепак, овие два дуели кои треба да се одиграат до крајот на оваа година. Според календарот за одигрување на натпреварите Вардар треба да гостува во Франција на 28 октомври, додека натпреварот во Скопје ќе биде во последното коло за 2020 година на 9 декември.
Другите шест ривалства кои се очекува да ја одбележат сезоната во Лигата на шампионите се: Целје-ППД Загреб, Веспрем-Кил и Барселона-Кил во машка конкуренција, како и дуелите Ѓер-Рамницу Влчеа, Мец-Ростов Дон и Ѓер Будуќност кај дамите.