Женската младинска репрезентација на Македонија ги заврши натпреварите на ЕХФ шампионатот во Скопје со пораз од 30:32 после изведувањето на пенали против Исланд со што на крајот го зазема 6. место. Натпреварот во регуларните 60 минути заврши со резултат 28:28.
Ракометарките кои во минатите девет дена имаа неколку тешки средби денеска не успеаја да имаат контрола против Исланд. Од почетокот на натпреварот противникот успеа да поведе, а Македонија израмни само на 1:1.
Остатокот од првото полувреме беше во знакот на Исланѓанките кои беа во постојана предност. Имаа водство кое го одржуваа до 24. минута. Тука Македонија имаше нешто повеќе од играта особено во одбраната каде што беа запрени неколку топки кои донесоа можност за враќање во натпреварот. Второто израмнување се случи во 24. минута на 11:11, а откако Исланд повторно поведе и на 12:12.
Тука како да заврши периодот со добра игра, па мала криза донесе негатива од три гола на одмор од 13:16.
Второто полувреме мина во речиси идентичен тек како првото. Селекцијата на Исланд продолжи да го контролира водството и имаше три до пет гола предност. Во 43. минута стигна и до највисоките плус шест, 24:18, а ги одржуваше пет минути.
Во последните десетина минути Македонија почна да ја топи предноста на Исланд. Успеа да стигне до гол негатива, а Седлоска погоди пред сирената за нерешени 28:28. Со оглед на тоа што се работеше за натпревар за пласман мораше да се одлучи со пенали, а таму селекцијата на Исланд беше подобра. Успеа да дојде до вкупен триумф од 32:30 и да го освои 5. место така што Македонија финишираше на 6. позиција.
Јанкуловска и Дукоска беа прецизни за Македонија, додека Коларовска и Седлоска не успеаја да погодат во рамките на голот. Јовановска одбрани еден удар од седум метри, но тоа беше премалку за победа. Џатевска со шест гола беше најефикасна, пет имаше Седлоска, четири Арсениевска, а по трипати прецизни беа Ризоска, Јанкуловска и Коларовска. Во листата на стрелци се запишаа уште Миновска и Дукоска кои погодија по двапати.