На последниот натпревар на француската екипа Париз 92 против Мец во француското првенство кој заврши 25:26 во домашниот состав ја немаше ракометарката од Јужна Кореја, Рју Јун Хи. Како што дознава „Л’екип“ ракометарката ја напуштила земјата пред десетина дена.
Главната причина за заминувњето на Рју Јун Хи од Франција е вознемиреноста и загриженоста за ширењето на коронавирусот ширум Европа. Корејката била во многу лоша психолошка состојба, а привремено раскинување на договорот побарала и ракометната федерација на Јужна Кореја.
„Не можете да принудите некој да тренира кога постојано плаче и трепери. Таа беше целосно психички скршена бидејќи во Јужна Кореја епидемијата е целосно под контрола, а ситуацијата во Европа е крајно драматична и опасна според известувањето на корејските медиуми. Секогаш го ставаме човечкиот фактор во прв план, тоа го правиме и сега. Рју Јун Хи е одлична ракометарка и добро се вклопи во тимот, ако состојбата се подобри таа ќе се врати во тимот во спротивно ќе видиме“, коментираше претседателот на Париз 92, Жан-Мари Сифо.
Рју Јун Хи во меѓувреме ќе игра за својот поранешен тим од Бусан каде што ќе се обиде да помогне во подготовките на нејзината репрезентација за претстојните Олимписки игри во Токио.