Екипата на Фенербахче не се прослави на гостувањето во Белград кај Црвена Звезда и загуби со 68:56 што значи за првпат тим предводен од Жељко Обрадовиќ губи на првите две средби во Евролигата.
Искусниот Обрадовиќ беше разочаран од играта на своите избраници и тоа воопшто не го криеше, па пред медиумите порача:
-За 27 години кариера првпат ми се случи да останам без зборови, да не можам да им кажам ниту збор на играчите. Им кажав дека не можам ништо да кажам. Дадовме бедни 56 поени. Мојот тим ме изненади повеќе од оној на Звезда. Секогаш тргнувам од себе, морам да размислим зошто нашата слика беше ваква. Звезда беше многу подобра и заслужено победи, -истакна Обрадовиќ кој е најтрофејниот тренер во Евролигата со девет титули и уште многу признанија.