Лазаров: Составот ќе претрпи измени, против Полска мора поконцентрирано

Поразот од Грција со 26:30 нанесе тежок удар за машката кадетска репрезентација на Македонија, на статот на ЕХФ шампионатот во Скопје, а со оглед на тоа што во групата се само три репрезентации факт е дека нема многу шанси за поправен.

Ситуацијата е таква што со победа и од еден гол против Полска се прави круг во кој Македонија ќе биде второпласирана во својата група и ќе игра во полуфинале. Селекторот Лазаров веќе најави измени така што ќе има новости на терен.

„Секако дека составот ќе претрпи некои измени. Бев свесен за некои работи, но ова е ново искуство за мене како тренер, но ги засакав овие деца што сакав за нивниот труд и работа сакав да им дадам шанса и ќе се потрудиме максимално да дојдеме до победа против Полска“, вели Лазаров.

Иако почетната седумка делуваше малку чудно, селекторот вели дека тоа било намерно така бидејќи така играле и на подготвителните натпревари.

„На сите натпревари игравме така. Немаше никакво потценување. Сакавме да играме брз и модерен ракомет, но некогаш мора да се контролира брзината. Денеска беа пребрзи и да дојдеме до победата. Ќе зборуваме за таа работа и да ги поправиме грешките, па со многу поголема концентрација да одиграме против Полска“.

Воедно селекторот очекува многу подобра игра на следниот дуел кога очекува многу поголема концентрација.

„Секогаш кога ќе загубите на следниот натпревар сте поконцентрирани, со некоја трема и доза на страв. Секако дека ќе сме многу помотивирани, поконцентрирани, пофокусирани да се подготвиме да одиграме поквалитетно. Мислам и верувам дека можеме да го направиме тоа против Полска“.

Инаку, за првата средба и тој се согласи дека беа промашени премногу удари што на крајот влијаеше на конечниот епилог.

„Лошо почнавме. Грците добија на самодоверба и ја контролираа играта. Ние брзавме и промашивме многу зицери, а нивниот голман беше најдобар на тгерен. Сепак, спортот е тоа, животот е тоа. Јас се надевам дека од ова ќе научиме многу и ќе пораснеме“, коментираше селекторот.

Утре средбата против Полска се игра исто така во салата во СЦ „Борис Трајковски“, а почетокот е во 15 часот.