Противник на Вардар во полуфиналето од СЕХА лигата е тимот на ППД Загреб, а на утрешниот дуел шампионот на Хрватска на некој начин би требало да има улога на домаќин.
Сепак, нема да биде така едноставно бидејќи трибините нема да бидат исполнети, а и Загреб е во слична ситуација како и Вардар пред овие средби.
„Загреб е институција во светот на ракометот и нормално е во секој момент да сака најдобро. Сите резултати од претходно во СЕХА зборуваат за тоа. Горе-доле сме во иста ситуација со Вардар. Тие со многу нови играчи, ние и со нов тренер. Уште се бараме на некој начин. Сакаме најдобро и играчите, но и ние како тренери“, изјави на денешниот прес, тренерот на ППД Загреб, Игор Вори.
Тој смета дека самиот факт што Загреб игра против актуелниот освојуваш на Лигата на шампионите и на СЕХА лигата ќе му даде тежина на овој натпревар, но и дека неговите момци се среќаваат против тим со голем карактер.
„Она што е најважно е да кажам дека играме против актуелниот првак на Европа и освојувачот на СЕХА. Без разлика што Вардар смени многу играчи и сето она што се случи во клубот кај нив остана победнички карактер. Се виде против Нексе, момците губеа четири разлика и стигнаа на Ф4. Тоа го прават само ракометарите со голем карактер. Нашиот огромен мотив кој го имаме и позитива која ја имаме ќе се обидеме тоа да го покажеме против европскиот првак и шампионот на СЕХА. Очекувам убав натпревар“, рече Вори.
На неговите коментари се надоврза и капитенот, Матеј Ашанин.
„Сите екипи кои се на Ф4 се дел и од Лигата на шампионите. На тој начин ќе имаме еден убав тест на кој ќе видиме до каде сме со формата и ќе видиме колку сме се подготвиле. Ќе биде тешко, но имаме амбиции и сакаме да играме во финалето“, коментираше голманот на ППД Загреб.
Натпреварот се игра утревечер од 20:30 часот.