Ракометарките на Пелистер до пред неколку дена немаа ниту една победа и само еден бод, а денеска веќе забележаа и втор триумф во серија откако ја совладаа екипата на Гевгелија со 27:24 на домашен терен.
Битолчанки тргнаа подобро во средбата и беа во предност од почеток. Имаа гол позитива која ја одржуваа иако гостинките израмнуваа. Сепак, на моменти се стигаше и до плус три, па одеше одлично.
Целосната контрола овозможи на полувреме да биде 13:11 и овие два гола разлика да овозможат да се игра полесно во продолжение.
Веднаш на стартот на второто полувреме тимот на Пелистер стигна до 19:14 и овие пет гола најавуваа нова победа. Овие пет гола се спуштија до два разлика, но потоа позитивата на битолчанки се движеше од три до четири погодоци така што беше јасно дека победата ќе им припадне на ракометарките на Пелистер.
Со ова битолчанки стигнаа до вкупно седум поени и најавија дека напролет можат да бидат далеку подобри. Имаат уште еден дуел со Спартак до завршување на есенската полусезона така што ќе биде уште интересно.
ПЕЛИСТЕР – ГЕВГЕЛИЈА 27:24 (13:11)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Судии: Викторија Прентоска и Наташа Глигороска од Струга. Делегат: Славчо Каланоски од Струга.
ПЕЛИСТЕР: Богоевска, Тодоровска, Наумовска 1, Дишковска 1, Бошевска, Срезовска, Раиф 8, Босиловска, Милосављевиќ 2, Дојчиновска, Спирковска, Николоска, Белевска 11, Јанкуловска 4, Гроздановска.
Седмерци: 3/3, Исклучувања: 10 мин.
ГЕВГЕЛИЈА: Горковска, Басова 1, Шуклева, Митревска 5, Динева, Петрова, Живковска 2, П. Митрова, Петковска 6, Јовеска 2, Ибрахимовиќ, Д. Митрова 8
Седмерци: 1/4, Исклучувања: 10 мин.