Ракометарите на Целје ја остварија првата победа во 5. коло од Лигата на шампионите откако во балканското дерби го совладаа на гостински терен тимот на Загреб со 30:22.
Загреб добро го започна натпреварот, поведе со 2:0 и 5:1 и најави дека ќе оди по првата победа во елитното натпреварување. Но Целје не се предаде, многу брзо се врати во натпреварот во 15. минута израмни на 6:6 и го најави пресвртот.
Добриот период од натпреварот гостите го искористија максимално и направија целосен пресврт на резултатот. Кодрин и Лебан постигнаа по два гола и веќе во 21. минута Целје имаше водство 11:7. До крајот на првиот дел Загреб успеа да намали и на полувреме беше 14:16.
Второто полувреме целосно им припадна на гостинските ракометари. Загреб имаше многу проблеми со реализација, а Целје ги користеше своите шанси и во 45. минута имаше водство од девет гола, 25:16. До крајот на натпреварот гостите рутински го одржуваа водството и ги освоија првите бодови.
Со овој пораз Загреб останува на последното место во групата со пет порази од пет натпревари, а Целје стигна до првата победа и се искачи едно место на табелата. Најефикасен во тимот на Загреб беше Алекс Влах со пет гола, а Матеј Хрстиќ постигна три гола. Во тимот на Целје најзаслужни за победата беа Тилен Кодрин и Гал Маргуч со по седум гола, додека Патрик Лебан постигна шест.