Алушовски: Господ нè погледна против Нексе и нè донесе во Задар

Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски ќе има голема одговорност со момците бидејќи се очекува одбрана на круната освоена во минатата сезона.

Сепак, овој завршен турнир доаѓа во момент кога екипите се на старт на подготовките и уште се далеку од формата која се посакува.

„Ова е специјален Ф4 бидејќи се игра на почеток на сезона. Обично тие се играат на крајот од шампионатот. Направивме нов тим во кој имаме дури девет нови ракометари. Потполно сум задоволен од ростерот. На наша среќа овде сме по деветтипат после тешкиот дуел со Нексе. Очекувам да  бидеме вистински каков што Вардар секогаш бил. Да го дадеме максимумот и да одиграме најдобро што може и доколку е можно да бидеме победници на овој турнир“, изјави Алушовски на денешната прес-конференција.

И овој пат, Алушовски повтори дека имале многу среќа и дека Господ бил со нив на дуелот против Нексе во саботата.

„Да бидам искрен Господ не погледна и ни донесе среќа. Сепак, среќата се заслужува. Момците работат на тренинзите. Имаме девет нови играчи. Тука се многу квалитетни играчи и големи борци како Дибиров, Стоилов… да не ги набројувам сите. Наше е да работиме и да одиграме добро и во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата. Се надевам дека тука ќе бидеме многу подобри отколку на дуелот против Нексе минатата сабота во Скопје“.

Воедно вели дека е задоволен од ракометарите кои дојдоа од Хрватска во клубот, а истите ќе играат речиси како на домашен терен утревечер.

„Она што можам да го очекувам од ракометарите кои доаѓаат од Хрватска е да напредуваат и да бидат колку е можно подобри и да придонесат многу за овој нов Вардар. Јас знам зошто ги донесов во клубот. Се работи за  многу квалитетни играчи“, коментираше Алушовски.

Вардар денеска има тренинг од 19 часот во салата каде ќе се игра натпреварот, а дуелот против ППД Загреб е утревечер од 20:30 часот.