Ракометарите на Кил и Алборг одиграа квалитетен, многу интересн и неизвесен натпервар во Лигата на шампионите кој на крајот после многу борба го доби домашниот тим со 28:26.
Почетокот на дуелот им припадна на ракометарите на Кил, тие го имаа почетното водство кое го одржуваа до 10. минута. Од резултат 5:4, Алборг успеа да го преземе водството но само за кратко.
До крајот на првиот дел Кил најчесто беше во позитива, највисоката предност беше три гола во 21. минута кога беше 11:8. Сепак избраниците на Филип Јиха не успеаја да ја сочуваат предноста и Алборг израмни, на полувреме беше 15:15.
Уште на почетокот на второто полувреме Алборг го сврте разултатот и го диктираше темпото. Кил постојано бркаше негатива и после многу напор дури во 58. минута успеа да израмни со голот на Екберг. Потоа и Винцек погоди за водство на Кил. Во следниот напад ракометарите на Алборг направија техничка грешка која домашниот тим знаеше да ја искористи и со уште еден гол Екберг го реши победникот.
Никлас Екбег со шест гола беше прв стрелец во тимот на Кил, додека пет постигна Рајнкинд, а четирипати погоди Дувњак. Во екипата на Алборг прв стрелец беше Себастијан Бартхолд со седум гола, Јенсен и Кристенсен постигнаа по пет. Ландин за Кил имаше 12 интервенции, а голманот на данскиот тим Агефорс собра 13 интервенции.