Војводина прави тим за враќање на титулата

Војводина ја загуби титулата во првенството на Србија, откако нов првак стана Партизан, но тимот од Нови Сад најави создавање н амоќен тим за следната сезона, и напад за враќање на врвот. Тимот на Војводина веќе е скоро целосно формиран за следната сезона.

Нови договори потпишаа десниот бек Милан Милиќ и левото крило Бојан Рајденовиќ. Во составот остануваат и главните играчи: репрезентативците Милан Јовановиќ, Стефан Додиќ и Вукашин Воркапиќ, капитенот Миљан Пушица и голманот Андреј Трнавац (со договор до 2026 година). Бразилецот Жоао Педро да Силва го продолжи договорот на уште една сезона, а тренерот Владaн Матиќ има активен договор до 2026 година.

Во тимот пристигнуваат неколку нови имиња. Ѓорѓе Драшко, еден од најперспективните млади ракометари во Србија, потпиша договор до 2028 година. Од Вардар доаѓа левото крило Марко Срдановиќ, додека на десниот бек ќе игра Јапонецот Југа Еномото, кој доаѓа од унгарската Татабања. Дел од иднината на клубот ќе бидат и младите таленти Радован Маљевиќ (пивот), Коста Диздар (голман) и Андрија Станков (пивот).

Клубот ќе го напуштат тројца играчи: Египќанецот Ахмед Сеса кој преминува во Вецлар, десниот бек Јовица Николиќ кој заминува на едногодишна позајмица во Кувајт, и искусниот Белорусин Борис Пуховски кој ја завршува кариерата.

Војводина веќе освои три трофеи оваа сезона – Купот на Србија, Суперкупот и Сесрпскиот куп.