Висок пораз за Македонија на ЕП – Исланд ни даде дури 48 гола!

Женската младинска репрезентација на Македонија загуби по четврти пат на Европското првенство, овојпат од Исланд со 48-26 и сега ја очекуваат уште три меча до крајот во разигрувањето за пласман од 17 до 24 место.

Победникот беше најавен по десетина минути игра, а потврден по дваесетина минути. До паузата Исланд имаше плус 14, 21-7, а во вториот дел следуваше комплетна доминација и само билдање на гол-разликата. Како и против Чешка, така и против Исланд, македонските ракометарки направија дури 25 технички грешки! Во македонскиот состав шест пати погоди Тодоровска, четири гола даде Кралева, а нашата одбрана немаше решение за Торхалсдотир која ни даде дури 18 погодоци.

По стартните 2-2, Конеска доби црвен картон поради остар старт, па островјанките си го фатија редот. Ги казнуваа сите македонски технички грешки со лесни голови од контранапади и отидоа на плус пет, 7-2.

Постот од десет минути без гол го прекина Велкова, но колата веќе тргна надолу и немаше запирање. По 13-6, Исланд постигна уште пет гола во серија за 18-6, згора на тоа и Котевска доби црвен картон поради старт над противничката додека беше во налет.

Трите македонски голманки – Гошевска, Наумоска и Хасаноска се изротираа во првиот дел, но ниту одбраната имаше помош од нив, ниту пак тие имаа помош од одбраната и Исланд заминаа на пауза со 21-7.

За немоќта говори и податокот дека Исланд ни даде гол и со две ракометарки помалку, а приказната од првиот дел продолжи и во второто полувреме, па само прашање беше со колкава разлика во корист на островјанките ќе заврши овој натпревар.