Висла Плоцк славеше со 30-28 на гостувањето кај ГОГ во Арена Свендборг, во меч што од контрола на Полјаците прерасна во вистински трилер – и заврши со заслужена победа на гостите. Сега Висла е на 3. место на табелата во Б групата од лигата н ашампионите со 10 бода, веднаш зад Магдебург и Барселона.
ГОГ отвори подобро и поведе, но Висла брзо ја најде мерката во позиционен напад. Со низи на мирни реализации и цврст блок, гостите првпат „избегаа“ на четири гола предност, а потоа ги имаа и највисоките 16-10 во првото полувреме.
Данците долго беа без одговор за темпото на Ричардсон и друштвото, се држеа во игра преку брзи центри и транзиција, но првиот дел заврши во знакот на Плоцк од 17-13.
Вториот дел носеше сосема друга приказна. ГОГ ја стегна одбраната, голманските интервенции им дадоа живот, а нападот конечно почна да казнува со серија брзи голови. Домашниот камбек кулминираше со израмнување на 26-26 околу седум минути до крај. Мечот влезе во отворен дуел за бодовите.
Клучниот момент беше токму тогаш: и покрај црвениот картон за Золтан Зита, Висла не се распадна. Напротив – Полјаците останаа ладнокрвни, ја забавија играта и одбраа „чист“ напад: Јанц и Фазекаш погодија за ново водство, 28-26, а Давиџик веднаш потврди со уште една реализација.
Домашните ракометари имаа погрешија, а Краевски само стави печат за 30-28 и гостинска победа што многу значи во групната трка.

























