Ракометарите на Вардар Неготино, иако со проблеми, го совладаа составот на Скопје со 34-30 во натпревар од 11 коло во суперлигашкиот плеј-аут и ги задржаа шансите за опстанокт во елитната конкуренција.
Неготинци со овој триумф имаат 21 бод и ги задржуваат теоретските шанси да опстанат во елитната конкуренција, откако им останува уште домашен меч со Прилеп и гостински со Голден Арт, а ќе добијат три бода и од дуелот со Аеродром.
Избраниците на Игор Котевски имаа во првиот дел водство и од пет гола, 13-8, но дозволија гостинските ракометари да намалат на минус два на паузата, 16-14, и да ги задржат шансите за камбек во мечот.
Момците на тренерот Оливер Димитриоски во повеќе наврати се вратија во игра, намалија на минус еден, 19-18, 22-21, 26-25, но триото Бугариновиќ, Адамовиќ и Митевски не дозволи изненадување на овој натпревар.
Вардар Неготино се одлепи на плус три, 28-25 и веќе немаше дилеми околу победникот на овој натпревар. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Адамовиќ со десет и Бугариновиќ со осум гола, додека кај Скопје се истакнаа Стојановски со девет и Јакимовски со седум.
Во следното коло Вардар Неготино му гостува на Голден Арт, додека Скопје е домаќин на Еурофарм Пелистер 2.