Вардар моќно до главна рунда во Лигата на Европа!

Ракометарите на Вардар на коло пред крајот се пласираа во ТОП 16 или главната рунда од Лигата на Европа, откако славеа над Сесвете со 38-24.

Со овој триумф, Вардар е прв на табелата со осум бода и со сигурно место во наредната фаза, каде ќе игра против Бенфика и Мелсунген, додека Кристијанштад е втор со седум бода. Во зависност од тоа како ќе заврши мечот меѓу Кристијанштад и Сесвете ќе биде јасно колку бодови ќе пренесе во главната рунда, но сите комбинации ќе се занимавме дополнително.

Од самиот почеток на мечот „црвено-црните“ поведоа, и покажаа дека се дојдени да ги освојат бодовите. Беше приморан домашниот тренер Игор Вори да бара два тајмаута во првите 13 минути.

Но, тоа тоа многу не му помогна бидејќи вардарци „везеа“ на теренот, и полека ја зголемуваа предноста, која стигна да биде и двоцифрена, 19-9 во 27 минута. Во последната минута Вардар водеше и со 22-11 и 23-12.

Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата, Иван Чупиќ им даде шанса на сите ракометари што ги имаше на располагање, но резултатот многу не се промени.

Митровиќ беше најефикасен со седум голови, Јанковски стрелаше шест пати, а пет гола даде Малус, додека голманите Валах (11) и Гогов комбинираа 15 одбрани. Следниот вторник Вардар ќе игра натпревар против францускиот Тулуз на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“, кој нема да има резултатска важност.