Уште еден Македонец замина на печалба во С.Арабија

Колонијата на Македонци кои заминаа за Саудиска Арабија и таму ќе заработуваат од ракомет се зголеми, откако и младиот тренер Алексо Лембанов реши „среќата да си ја бара во странство“.

Лембанов од денеска треба да биде член на тимот на Ал Сафа, каде настапува Египетскиот репрезентативец Карим Хендави и Португалецот Андре Гомеш. Нашиот тренер ќе биде вклучен во работата на стручниот дел на клубот и за почеток ќе биде помошник во сениорскиот тим на Ал Сафа.

Младиот македонски тренер пред неколку седмици поднесе оставка во Пролет, каде работеше. Беше дел и од сениорскиот тим на Македонија, но сега без објаснување беше изоставен од тимот. Со Пролет успеа да биде во плејофот, а со младите стигна до Ф4 турнирот сезонава.

Лембанов е третиот тренер што работи во арапскиот свет, по Зоран Кастратовиќ и Кристијан Грчевски кои се во Саудиска Арабија и дел од тимот на Мудур. Петар Мисовски пак работи во Катар и е одговорен за голманите во младите селекции на таа земја.