Убедлив пораз од Романија: Македонија се сели во Б дивизија!

Женската кадетска репрезентација на Македонија загуби убедливо од Романија со 40-25 и го напушти елитното друштво, односно испадна во Б дивизија (ЕХФ шампионат 2027). Во битката за 21 место, Романките беа подобри во секој аспект и заслужено изборија опстанок.

Натпреварот беше загубен уште по првите десетина минути, кога противникот поведе со 10-2 и потоа веќе немаше назад.

Лесно „продадени“ топки во нападот и брзи голови во македонската мрежа беше „рецептот“ за високата негатива. Имаа македонските кадетки повремени индивидуални блесоци, но тоа ниту оддалеку не беше доволно да се загрози високото водство на Романија.

На паузата беше 22-10 за противникот, а второто полувреме беше само формалност и рутинско одработување на задачата. Голманката на Романија, Арделеану имаше 46% успешност на одбранети удари, додека Илиоска и Миноска одбранија десет удари.

Меѓу стрелците шест гола даде Лашкоска, а Димоска имаше пет реализаци во романската мрежа.

Заедно со Македонија во ЕХФ шампионатот одат Фарски Острови и Турција. Подвлечено новата генерација кадетки ќе игра квалификации за ЕП 2027 догодина во септември, додека оваа актуелна генерација кадетки (што во 2027 ќе бидат младинки) ќе настапи на ЕХФ шампионатот во 2027 (Б дивизија).