За време на викендот беа одиграни натпреварите од второто квалификациско коло за пласман на Европското првенство 2024 во женска конкуренција.
Најголемо изненадување приреди репрезентацијата на Турција, која на домашен терен одигра нерешено против Србија, 29:29. Турција со освоениот бод покажа дека е незгоден ривал и дека против нејзе не се планираат однапред бодови.
Во групата на Србија и Турција се наоѓаат уште репрезентациите на Црна Гора и Бугарија. Црногорките со победата над Бугарија од 34:20 практично обезбедија пласман на континенталниот собир во Австрија, Швајцарија и Унгарија.
Како што е познато, репрезентацијата на Македонија, исто така се наоѓа со една нога на Европското првенство, откако на гостувањето во Литванија славеше со 31:28.
Според тоа што досега се одигра веќе може да претпоставиме како ќе изгледа ЕП, а оние четири селекции што од третото место ќе обезбедат билет за континенталниот собир, многу веројатно ќе бидат познати во март догодина.
Покрај домаќините Австрија, Швајцарија и Унгарија, како и европскиот првак Норвешка, на ЕП би требало да играат Романија и Хрватска (група 1), Германија и Украина (група 2), Холандија и Чешка (група 3), Франција и Словенија (група 4), Македонија и Шпанија (група 5), Црна Гора (група 6), Шведска и Исланд (група 7), Данска (група 8).
Многу блиску до место на ЕП 2024 се и селекциите на Србија, која е фаворит во однос на Турција (група 6), како и селекцијата на Полска (група 8) која е фаворит против Косово.
Турчинките се исто така на чекор до историски пласман бидејќи откинаа бод на Србинките, како и селекцијата на Словачка (група 2), која мора да освои барем бод против фаворитите на домашните средби, додека преостанатите два патника ќе се бараат меѓу селекции што нема да имаат победа или реми против првите две селекции од нивните групи, но ќе имаат најдобра гол-разлика.
Квалификациите продолжуваат во март и април догодина.
Квалификации за ЕП, второ коло, резултати:
Литванија – Македонија 28-31
Бугарија – Црна Гора 20-24
Фарски Острови – Исланд 23-28
Луксембург – Шведска 17-39
Португалија – Чешка 26-30
Турција – Србија 29-29
Украина – Словачка 25-20
Италија – Словенија 18-31
Азербејџан – Шпанија 18-38
Финска – Холандија 13-31
Летонија – Франција 8-55
Грција – Романија 20-32
БиХ – Хрватска 17-31
Косово – Данска 19-40