Во подготвителниот период пред Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, македонските очи покрај кон нашата селекција ќе бидат вперени и кон ривалите – Данска, Романија и Португалија.
Данска ќе биде дел од турнирот во „Златната лига“ што ќе се игра во холандскиот град Алмере, а ќе одигра два меча – на 8 јануари против Норвешка и на 10 јануари против Грција.
Романија ќе има три тест натпревари пред настапот на ЕП. Најпрво ќе спарингува со Италија на 6 јануари, додека на 9 и 10 јануари се пресметките со селекцијата на Унгарија.
Португалија требаше да игра два меча со Бахреин кон крајот на годината, но тие се откажани, па тимот на Пауло Переира ќе биде дел од силниот турнир во Шпанија. Таму во групата ќе се сретне на 8 јануари со Египет, потоа на 9 јануари ќе игра со Иран, а на 11 јануари ќе го одигра и мечот за пламан против Шпанија, Словачка или Тунис во зависност од пласманот на селекциите во другата група.
Македонија ќе има четири теста – против Хрватска (28 декември), Бахреин (8 јануари), Украина (9 јануари) и Швајцарија (10 јануари).
Иако на овие натпревари предводниците сигурно ќе кријат некои адути, сепак селекторот Кирил Лазаров и неговиот стручен штаб ќе имаат можност на дело да ги видат трите ривали на претстојното ЕП.


























