Трет пораз на ЕП, Македонија загуби убедливо од Чешка

Женската младинска репрезентација на Македонија го доживеа третиот пораз на Европското првенство во Црна Гора, откако загуби убедливо од Чешка со 41-24 и ќе разигрува за пласман од 12 до 24 место.

Во новата група ќе го пренесеме и пораз од Унгарија или Полска, во зависност од тоа која селекција ќе оди во главната рунда, а таму ќе играме против Литванија и веројатно Исланд.

Како и на претходните натпревари, така и сега проблем беше нападот. По десетина минути игра веќе беше 9-1 и стана јасно каков тек ќе има овој натпревар. Симовски се обидуваше со многу ротации, тоа вроди за момент со плод и полесно постигнувавме голови.

Имаа нашите ракометарки повеќе прилики да ја намалат негативата, но не успеваа и Чешка ги казнуваше сите грешки, иако на голот солидна беше Гошевска. На паузата Чешка водеше со 18-10.

Второто полувреме беше веќе видена приказна од претходните натпревари. Не се промени ништо особено на теренот во односот на силите, ривалот ги казнуваше сите технички грешки кои овојпат беа дури 28!, четири пати повеќе во однос на Чешка.

Незапирлива за македонската одбрана беше Храпкова, која постигна девет гола од 11 обиди, а сите чешки ракометарки се запишаа во листата на стрелци со најмалку еден погодок во нашата мрежа.

Капитенот Миленкоска и Тодоровска дадоа по пет погодоци, а голманката Гошевска имаше 12 интервенции. Утре е ден одмор, а потоа следуваат натпреварите против Литванија и веројатно Исланд за пласман во понеделник и вторник.