Тотиќ даде 13 гола, „дробилицата“ победнички низ Свети Николе

Екипата на Македонија Ѓорче Петров победнички го започна вториот дел од прволигашката сезона, триумфирајќи на гостувањето кај Овче Поле со 29-23 (11-10) во рамките од 15. коло.

Домашниот состав од Свети Николе одигра цврсто во првото полувреме и беше рамноправен ривал, па на пауза се замина со минимална предност на гостите од само гол разлика.

Овче Поле дури и поведе со 15-14 на стартот од вториот дел, но потоа избраниците на Оливер Димитриоски направија серија од четири гола и од негатива преминаа во водство од 18-15. Тоа беше клучниот момент, а до крајот Македонија ЃП имаше резултатска контрола.

Творец на триумфот за „дробилицата“ беше Михаел Тотиќ, кој постигна дури 13 погодоци, а во редовите на Овче Поле, најефикасен беше Александар Димитров со девет гола.

Македонија Ѓорче Петров сега има 16 бодови на петтото место, а во следното коло ќе игра дома со Кичево.