Тимот на Тиквеш славеше против Прилеп со 30-24 и му ги згасна и онака малите шанси на гостинскиот тим за место во плеј-оф. Иако гостите пружија солиден отпор, во повеќе наврати имаа и предност, сепак попуштија во темпото што сами го наметнаа во второто полувреме и кавадарчани рутински го одработија финишот на мечот.
Прилепчани се покажаа како тврд орев и на стартот поведоа со 5-2, но набрзина кавадарчани преку Димовски и Анастасовски стигнаа до егал, 5-5. Се играше во продолжение гол за гол, а расположениот Арсиќ на голот на домашните беше пречка за Прилеп да не отиде одново на повисока предност.
Но и голманот на гостите Ангелески имаше неколку одбрани, па Тиквеш ниту еднаш не поведе со повеќе од еден гол разлика. Со погодокот на Манасков кавадарчани заминаа на пауза со водство, 16-15, иако прилепчани имаа шанси преку Цветаноски и Тренчевски да израмнат, но не погодија.
Арсиќ беше расположен на стартот на вториот дел, Тиквеш отиде на плус три и ја одржуваше таа разлика, иако гостите не помислуваа да се предадат. Дури пет пати прилепчани не реализираа напади за минус еден, па казната стигна од Кривокапиќ од пенал за одново плус три за Тиквеш, 25-22 на десетина минути до крајот.
Крилата Коцев и Темелкоски од контри беа прецизни за 27-22 и полека ги откажаа гостите од бркање позитивен резултат и задржување на шансите за плеј-оф. До крајот немаше многу неизвесност и Тиквеш само рутински го доработи мечот за конечни 30-24.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кривокапиќ со седум погодоци, а по пет дадоа Темелкоски и Анастасовски, додека кај Прилеп се истакнаа Шабановиќ со седум и Квастеск со пет гола. Во следното коло Тиквеш гостува кај Вардар, а Прилеп ќе ја пречека Струга.