Тиквеш им се врати на победите – славеше кај Радовиш

По трите порази во серија, од кои два во ЕХФ Европскиот Куп и елиминацијата од Европа, Тиквеш им се врати на победите. Кавадарчани со фантастично второ полувреме го совладаа РАдовиш на гостински терен со резултат 26-33, во заостанатиот натпревар од осмото коло на Супер лигата.

Домаќините го контролираа првиот дел и заминаа на пауза со предност од 13-11, но потоа следуваше експлозија на гостинската екипа. Тиквеш прво израмни на 14-14, а потоа целосно ја презема контролата на натпреварот, поведувајќи со седум голови разлика (20-27).

Потоа кавадарчани рутински го приведоа мечот до крај и впишаа важна победа за одржување на чекорот со водечките екипи во лигата. Димитар Коцев и Богдан Мијушковиќ беа најдобри со по седум гола кај Тиквеш, а во тимот на Радовиш се истакна Мартин Димов со осум гола.

Во следното коло Тиквеш ќе го пречека тимот на Прилеп, додека Радовиш гостува кај Еурофарм Пелистер.