„Струга ќе остане расадник на нови таленти и идни репрезентативци“

Од Струга произлегле голем број ракометни имиња како Наумче и Златко Мојсоски, Никола и Велко Маркоски, Ненад и Никола Костески, Ацо Јоновски, Цветан Кузманоски…Градот покрај Охридското езеро годинава по пауза од две сезони повторно доби екипа која ќе игра во плеј-оф фазата. Стружани во вториот дел од сезоната ќе разигруваат за титулата, односно ќе се борат за едно од местата кои што водат во Европа.

Паралелно со сениорскиот тим одлични резултати во првиот дел од тековната сезона забележа кадетскиот тим на Струга, кој е предводен од Жарко Ферукоски. Кадетите на Струга првиот дел од натпреварувачката сезона 2023/24 го завршија со 100% учинок, на шест натпревари не загубија ни бод и со 18 бода се лидери на табелата во групата А. Вреди да се истакне дека дел од кадетите на Струга настапуваат и во сениорскиот тим.

Тренерот на кадетскиот тим на Струга, Жарко Ферукоски, кој истовремено ја извршува тренерската функција и во пионерскиот тим, даде своја анализа за досега сработеното во првиот дел од сезоната.

,,Во оваа сезона покрај сениорската екипа, на располагање ја имаме и кадетската и пионерска екипа. Кадетите имаат забележителни резултати, моментално се лидери по шест одиграни кола, во 5. коло славевме во дербито со Охрид, потоа остваривме висока победа над Кузман Вардар. Задоволен сум од нивниот напредок, дел од овие ракометари ги имаа своите пет минути во суперлигашката конкуренција и дадената минутажа од тренерот Наум Танески максимално ја искористија и оправдаа. Најважно, но и најбитното е тоа што создаваме една база на млади и талентирани ракометари, кои во иднина би биле носители на играта во сениорскиот тим. Со макотрпна работа како во минатиот период, повторно можеме да ги вратиме титулите во младинските категории”, изјави Ферукоски.

Иако Струга нема голема спортска инфраструктура и буџет, сепак, секогаш дава голем придонес во развојот на македонскиот ракомет со постојаното појавување на нови таленти.

,,Струга секогаш имала и ќе има репрезентативци во сите категории. Знаеме дека голем број актуелни, но и поранешни репрезентативци потекнуваат од школата на Струга. Како град со околу 60.000 жители, град во кој има и женски ракометен клуб, немаме голема спортска инфраструктура, тренираме и играме во училишна сала, но она што нѐ мотивира како тренери и ни дава голем имплус за работа е желбата на играчите. Немаме голем буџет, но работиме стратегиски, го следиме развојот на секој играч, му укажуваме на грешките, но и на шансата дека може да стане квалитетен ракометар. Ние ќе продолжиме да вложуваме уште повеќе во младинските категории и Струга како клуб ќе остане расадник на нови таленти и идни репрезентативци на Македонија. Овде ракометот е спорт број еден и така ќе остане и во иднина“, вели Ферукоски.

Тој додава дека Струга е идеална средина за развој и напредок на секој млад играч.

,,Мислам дека Струга е идеално место за секој млад играч. Веќе неколку сезони сме меѓу најдобрите во младинските категории. Дел од младите играчи добиваaт шанса во Супер лигата. За нив тоа е едно големо искуство во кариерата, играат против тимови како Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет…Со кадетите три пати неделно имаме тренинзи, тие претежно тренираат со првиот тим, таму учат нови работи и се обидуваат тоа да го применат и во кадетската лига. Сите се редовни и се работи на едно професионално ниво. Ракометниот клуб Струга со оваа генерација е единствен клуб кој учествувал на последните три Ф4 и тоа, 2022/23 второ место кадети, потоа во сезона 2021/22 второ место пионери и во сезона 2020/21 првото место го освоија пионерите”, заврши Ферукоски.