Ракометарите на Тиквеш се израдуваа на третото место на 53. издание на Струшкиот турнир, откако по пенал-серијата успеаја да ја совладаат Бурса со 21-19. Во регуларниот дел, мечот што траеше 40 минути заврши 16-16, а кавадарчани ги реализираа сите пенали потоа и заслужено славеа.
По десетина минути игра и резултат 2-2, мечот беше прекинат повеќе од триесетина минути и наместо на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ поради дождот се одигра во СЦ „Тими“.
Беше решено да се игра два пати по 20 минути, а Бурса во финишот на првиот дел имаше највисоки плус два, 7-5. На паузата турскиот тим водеше само со гол предност, 9-8.
Во второто полувреме Бурса направи и плус три, но Тиквеш кој играше со измешан состав по 12-9, успеа преку Ангелов и Чејовиќ да се врати на егал, а во таков ритам мечот се играше и во продолжение.
Турците имаа шанса да го решат мечот во регуларниот дел, но не организираа добра акција, Димовски успеа да израмни на 16-16 и во последните осум секунди немаше време за нешто повеќе да сторат двете екипи, па мечот се решаваше на пенали.
Во пенал серијата погодија Лазов, Коцев, Димовски, Мијушковиќ и Чејовиќ, а од гостинскиот тим промаши Шешиќ кога на голот на Тиквеш стоеше Панов и радоста на кавадарчани можеше да започне.
Шест гола даде Чејовиќ, четири постигна Коцев, а голманот Печурица имаше добра партија. Во состав на Бурса, искусниот Озбахар беше најдобар стрелец со седум погодоци.