Како најдолговечен ракометен турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.
Суперлигашот Бутел Скопје по пауза од три години одново ќе игра на Струшкиот турнир, а за тренерот Горан Кузманоски ова ќе биде камбек со друга екипа откако ја започна тренерската кариера.
Турнирот покрај езерото му е во убаво сеќавање на прилепчанецот, кој и како играч беше чест гостин во Струга, а два пати беше прогласуван и за најдобар стрелец – во 2001 како член на младинската селекција на Македонија, но и 2018 година како ракометар на Еурофарм Работник.
Кузманоски врши добра работа во Бутел Скопје со млада екипа, а минатата сезона освен плеј-оф во Супер лигата, обезбеди и место во ЕХФ Европскиот Куп. Тој очекува дека настапот во Струга ќе биде добра прилика да ги види на дело новите ракометари.
Бутел Скопје донесе тројца кадетски репрезентативци – Атанасиј и Архангел Трсунови, Петар Николоски, искусниот чувар на мрежата, Благојче Трајкоски, како и грузискиот лев бек Давид Гришикашвили.
„Ќе биде добра прилика овој турнир, за да видиме до каде сме, иако доаѓа во ек на припремен период, за нас ќе биде добра увертира да се воиграме“, вели Кузманоски.
Тој е вторпат како тренер, откако претходно го водеше Прилеп во 2021 година.
„Турнирот во Струга има посебно значење и секогаш бил атрактивен. Организациски секогаш бил на високо ниво, со тоа што голем број на европски екипи доаѓале тука. Јас како играч сум многу пати учесник, исто така како тренер ќе имам можност по вторпат да учествувам“, вели Кузманоски.
Бутел Скопје ќе игра против Тиквеш и Раднички Крагуевац во групата.
„Групата е изедначена, Раднички е екипа која што последните години имаат солиден успех во српската лига, исто така и Тиквеш кој што се доста искусна екипа со многу интернационалци и ќе бидат тежок противник. Ќе бидеме комплетни, а шанса ќе добијат сите“, продолжи Кузманоски.
Прилепчанецот ги потенцира целите на Бутел Скопје за претстојната сезона, но и работата со македонски играчи.
„Целите на клубот во новата сезона секако дека ќе бидат пласман во плеј-оф, иако имаме најмлада екипа во Супер лига со просек од 20 година, составена од македонски играчи“, заврши Кузманоски.
БУТЕЛ СКОПЈЕ – сезона 2025/2026
Дојдоа: Атанасиј Трсунов (Еурофарм Пелистер), Архангел Трсунов (Еурофарм Пелистер), Давид Гришикашвили (Пегаси Тбилиси), Благојче Трајкоски (Алкалоид), Петар Николоски (Охрид)
Заминаа: Антонио Николоски (Драчево Јуниор), Драган Шољиќ (Зрињски Мостар), Христијан Милошески (Аполда), Кристијан Давитковски (Пролет), Бојан Блажески (Охрид)
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“
13 август: Бутел Скопје – Раднички Крагуевац
15 август: Тиквеш – Бутел
16 август: меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
СТРУГА 2025: Познат распоредот – езерски двобој за старт на турнирот