Како најдолговечен ракометeн турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ да се означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.
На турнирот во Струга продефилирале многу екипи од страна, па и од Турција од каде доаѓа и единствениот победник – АСКИ Анкара, во 1999 година. Покрај АСКИ во Струга настапила и екипата на Бешикташ, но сепак само тимот од Анкара успеал да победи. Годинава гостин на турнирот е тимот на Бурса, актуелниот вицепрвак на Турција.
Интересен факт е дека на клупата седи Илкнур Куртулуш, единствената жена прв тренер во сите супер лиги во Турција. Пред три години беше координатор на младинската школа на тимот. Откако стана шампион на Турција со младинска екипа, не можеше да ја одбие молбата на претседателот на клубот и ја прифати понудата да биде главен тренер. Најпрво ги собра сите играчи што ги имала тренирано од минатото до денес во клубот.
Во првата сезона заврши четврта, а оваа година тимот играше за шампионската титула. Таа е единствена жена главен тренер во сите турски суперлиги. Има 54 години.
„Минатата сезона, стигнавме до финалето со Бешикташ во турската Супер лига и завршивме како втори во Турција. Оваа сезона, додадовме три интернационални играчи и две ракометари кои играа за турската репрезентација, правејќи го нашиот тим уште посилен. Нашата примарна цел е да ги процениме нашите недостатоци и да ја видиме формата на сите наши играчи. Секако, како Бурса Нилуфер, сакаме да победиме на секој натпревар и да завршиме први на турнирот, вели Куртулуш.
За Бурса ова е прво гостување во Струга, и тие ќе бидат во група со екипите на Струга и на Охрид. Некои го гледаат тимот на Бурса како можен кандидат за финалето, иако се очекува најтек дуел да имаат со Охрид кој би решавал за влез во финалето на турнирот.
„Ова е многу специјален, историски и тежок турнир. Фактот што се одржува 53 години го потврдува тоа. Би го опишала како турнир со одлични играчи и екипи. Охрид и Струга се многу квалитетни екипи, како и другите тимови што ќе настапат. Сигурна сум дека ќе има група навивачи кои го познаваат ракометот и нема да ги остават своите екипи сами на нашите натпревари, вели тренерот на Бурса.
Од тимот со кој ќе настапуваат во новата сезона, ќе недостасува само едeн играч кој поради обврски на Универзитет нема да допатува за Струга. Но, затоа ќе дојдат сите засилувања. А тренерот прогнозира само едно:
„Би рекла дека ќе стигнеме до финалето, смета Куртулуш.
БУРСА – сезона 2025/2026
ДОЈДОА:
Деан Шешиќ, Толга Озбахар, Онур Ерсин, Реза Јадегари, Владан Ѓурѓевиќ
ЗАМИНАА:
Озалп Мучахит, Оздирик Јашар и Бичер Горкем.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“
14 август: Охрид – Бурса
15 август: Струга – Бурса
16 август: меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…