Стојановиќ: Наше е да се бориме и да не се штедиме – круна на генерацијата ќе биде ТОП 8

Машката младинска репрезентација ги дозна ривалите на Светското првенство во Полска, последно големо натпреварување на оваа генерација заедно, а денеска ги дозна и термините во кои ќе ги игра натпреварите во Катовице против Фарски Острови, Романија и Исланд.

По три пропуштени собири во претходните ЕХФ недела, младинците се собраа кон средината на март и одиграа два меча против домаќинот на Мундијалот, Полска, на гостински терен.

Иако ослабени, без Галевски, Карасманакис, Петковски, кои беа со сениорската репрезентација, како и без повредените Шулески, Димковски, Стаменковиќ и Митев, момците на Раде Стојановиќ одиграа два пати нерешено. Домаќините имаа два пати шанси за победнички погодоци, но нивните последни удари ги бранеше голманот Давид Брестовац. Селекторот потенцира дека е задоволен од овие два меча.

„Искрено, со оглед на сите околности, треба да бидеме задоволни. Одигравме два натпревари со квалитетна репрезентација на Полска и на двата меча извлековме реми. Не беа идеални, ама беа корисни – видовме каде сме, што ни фали и на што треба да работиме. Иако од страна на организаторот Полсла беше најавено дека ќе играме и со Алжир, сепак тие откажаа во последен момент. Да не заборавиме, шест играчи што играат стандардно не беа со нас. Во вакви услови, важно беше да се види карактерот на тимот, и колку сме квалитетни и без овие играчи“, вели Стојановиќ.

По настапот на ЕП 2024 во Словенија и освоеното 9 место, момците имаа подолга репрезентативна пауза без собири.

„Пауза од осум месеци е предолга, особено за младинци. Недостигаше натпреварувачки ритам, фалеше таа внатрешна поврзаност на терен. Некои играчи немаа доволно минутажа во клубовите, а дел беа и со ситни повреди. Но добро е што момците дојдоа со желба, со елан, и покажаа дека не заборавиле како се бори за националниот дрес до последниот момент, што е одлика за оваа генерација“, продолжи македонскиот селектор.

Исто како и на кадетското СП 2023, така и сега, ќе играме само против европски селекции на Мундијалот.

„Очекувањата секогаш се исти – да дадеме сè од себе. Нема лесен противник на Светско, затоа за нас секоја победа е како злато. Некако немаме среќа во жрепката бидејќи три години по ред ќе играме со европски селекции. Наше е да трчаме, да се бориме, да не се штедиме, да ја повториме пожртвуваноста од Европско првенство. Ако тоа го направиме, резултатите сами ќе дојдат“, вели Стојановиќ.

Во групата со Македонија се Фарски Острови, Исланд и Романија.

„Групата е незгодна, но и најтешка доколку се погледнат другите групи, сите репрезентации се сериозни. Како што реков европска група немаме противник од Азија и Африка. Романија и Исланд кој беше седми на последното ЕП во Словенија, играат брз и модерен ракомет, а Фарските Острови на последното СП со оваа генерација беа осми – знаат што прават и знаат како да изненадат. Ќе анализираме сè – од напад, одбрана, до играчи. Ќе се подготвиме како што треба, чекор по чекор. Секоја победа за нас ќе биде важна, само две репрезентации од групата одат понатаму“.

Подготовките за разлика од досега, ќе бидат многу кратки поради календарот.

„Во план беше подготовки од десет до 12 дена – тоа е максимум што можеме да си го дозволиме во календарот, но со новите промени најверојатно помалку од планираното. Предвиден е уште еден собир во ЕХФ неделата во мај, а планирано е да одиграме најмногу четири подготвителни натпревари до СП. Битен фактор ќе биде во каква форма ќе дојдат играчите од клубовите, затоа што ќе бидеме во специфична ситуација безмалку со недела дена подготовки во јуни ќе одиме на првенство“.

Листата на повредени ракометари е долга, но селекторот очекува да бидат подготвени за настап на Мундијалот.

„Секако дека сакаме да бидеме комплетни. Досега не сме биле комплетни ниту на кадетското СП 2023, ниту на младинското ЕП 2024. Имаме неколкумина кои се во рехабилитација, но засега сè оди според планот. Во контакт сме и со клубовите и со докторите. Ќе направиме сè да бидеме со „фул состав“ за Полска, затоа што само така можеме да извлечеме максимум. Без калкулации – сакаме сите најдобри да бидат на терен. Да не заборавиме дека оваа генерација е деветта во светот, но и деветта во Европа“, вели Стојановиќ.

Ова е последен настап на оваа генерација ракометари во младинските категории, но и последен предизвик на Стојановиќ со овие момци што ги води уште од пионерските денови.

„Секако дека сакаме оваа генерација да биде меѓу најдобрите oсум. Овие деца поминаа многу заедно – од пионерски денови, па досега. Би било убаво да завршиме со добар резултат. Не како притисок, туку како награда за сите тие години работа и пожртвуваност. Што се однесува до мене и мојот стручен штаб можам да кажам дека изминативе години со оваа генерација покажавме и трасиравме кој е патот на една ракометна селекција. Лично за мене ние сме ПОБЕДНИЦИ со оваа генерација веќе имаме четворица репрезентативци кај сениорите, а со сигурност тврдам дека најмалку уште двајца се блиску до тој состав“, вели Стојановиќ.

Тој од оваа сезона има нов клупски предизвик во словенечкиот Тримо Требње, каде претходно мина дел од играчката кариера, а тренерската ја градеше во Металург РА, Охрид, Катар Спорт Клуб и Тиквеш.

„Тримо е клуб со стабилна визија и јасна цел. Се работи професионално и јас навистина уживам во тој предизвик. Лигата во Словенија е квалитетна и нема лесни натпревари. Секој бод се заработува тешко. Нашата амбиција е јасна – да се бориме за самиот врв. Нема да зборувам за титула, ама нема ни да се криеме. Ќе се бориме до последен свиреж. Секако ова е огромен чекор напред во мојата тренерска кариера“, заврши Стојановиќ.