Женската младинска репрезентација на Македонија имаше убава шанса за стартен триумф на Европското првенство во Црна Гора, но на крајот мораше да се задоволи само со бод, 29-29.
Исидора Котевска шутираше за победа во последните секунди, но топката прво удри во едната пречка па во другата на литванскиот гол и балтичката селекција се спаси од пораз. Претходно Дарија Наумоска ги запре противничките во нивниот последен напад.
Сега за Македонија следува дуел со Исланд, но без разлика на исходот ќе продолжи во разигрувањето за пласман од 17 до 24 место на континенталниот собир. Котевска беше најдобар стрелец со девет гола, а Миленкоска имаше седум реализации. Наумоска која бранеше само во вториот дел запре девет удари на противникот.
Македонија отвори со водство од 1-0 и 2-1, а потоа следуваше пост без погодок пет минути. За тоа време ривалот ја погодуваше мрежата на Гошевска, која фати и пенал, па отиде на високи 6-2.
Литванките предводени од одличниот лев бек Пиликаускаите, која беше незадржлива за македонската одбрана успеаја да поведат со 11-6. Тогаш следуваше најдобриот период на нашите ракометарки.
Со подобра одбрана, повеќе решенија во нападот и една реализација во контранапад, Македонија се доближи на само гол негатива, 11-10. Но и тука застана, повторно технички грешки во напад и повторно казни на спротивната страна.
Пиликаукаите погоди три пати по ред во македонската мрежа со иста акција, со шут во ист агол и на ист начин, па Литванија отиде на највисоки плус шест, 16-10. Беше и 17-11, но Котевска со голот во последната секунда ги постави 17-12 на пауза.
Предводени од голманката Наумоска која запре три зицери, каки и од Котевска во нападот, Македонија успеа да се врати во егал на натпреварот и тоа само за десетина минути, кога израмни на 19-19.
Имавме три напади за водство, кои не беа искористени, па казната стигна на спротивната страна со третиот гол на Литванките во вториот дел, 45 минута, за 20-19. Во меѓувреме две исклучувања за Македонија, се повреди Ристиќ и Литванија отиде на плус три, 23-20 на десетина минути до крајот.
Наумоска продолжи со одличната партија на голот, а Котевска со одличната во нападот и набрзина Македонија дојде до реми, 23-23. Велкова од пенал донесе водство за Македонија, а Литванките продолжија со грешките во нападот.
Во последните пет минути се влезе со реми, 27-27 и играч помалку за Македонија. По две грешки на двете страни, па по еден гол за 28-28 кога остануваа 150 секунди за играње. Литванките добија пенал, но Наумоска го одбрани.
На влезот на последната минута, Симовски побара тајм-аут, но Шеметулските го одбрани шутот на Тодоровска, потоа имаше тајм-аут и за Литванија, но и Наумоска одбрани, па Македонија тргна во напад за победа.
Котевска презема одговорност, но двете стативи ја спасија Литванија од пораз. За Македонија утре следува дуелот со Исланд од 14:30 часот, но дури и со победа, тешко дека ќе бидеме најдобро второпласирани од групите што разигруваат за пласман, па ќе одиме во битки од 17 до 24 место.