Репрезентацијата на Србија во натпреварот против Исланд од готово направи вересија, предвреме влезе во победничко славје и на крајот големата драма во Минхен заврши без победник, 27:27.
Во репрезентацијата на Србија одлично издание имаа двајцата членови на Еурофарм Пелистер, Богдан Радивојевиќ и Урош Борзаш, како и екс голманот на Вардар, Дејан Милосављев.
Уште на стартот од средбата се виде дека само нијанси ќе одлучуваат за исходот од неизвесниот дуел. Првиот гол на средбата беше постигнат дури по шест минути игра, откако членот на Еурофарм Пелистер, Урош Борзаш, успеа да дојде до реализација. Главни виновници за нерешениот резултат од 2:2 во 10 минута беа голманите Дејан Милосављев и Виктор Халгримсон.
Голманот на Исланд во првите десет минути имаше дури шест интервенции, додека екс голманот на Вардар една помалку. Кон средината на првото полувреме црвен картон заработи репрезентативецот на Исланд, Елиди Видарсон, поради груб прекршок. По нерешените 2:2, ракометарите на Исланд со голот на Елисон за момент го презедоа водството, поведоа со 3:2, но составот на Херона бргу израмни, постигна два гола во низа и дојде до 4:3 во 15 минута.
За неколку минути игра следуваше фуриозен налет на „рибарите“ кои со одличната одбрана и брза транзиција, односно голови од контри и полуконтри, се одлепија на 7:4. Со иста мера возврати и Србија, го запре налетот на Исланд и со серија од 3:0 израмни на 7:7. Во последните осум минути двете репрезентации играа „топло-ладно“, островската земја повторно дојде до максималните плус три, 10:7, но упорните момци на Херона не се предаваа и на полувреме заминаа со гол негатива, 11:10.
Србија на почетокот на вториот дел го врати резултатот во своја корист, додека Исланд цели шест минути не можеше да го пронајде падот до мрежата на ривалот. Откако Србија поведе со 12:11, кризниот период во Исланд беше прекинат со голот на Смарасон. Следуваше период, во кој репрезентацијата на Србија ја подобри одбраната и реализацијата, водеше со еден до два гола разлика и во 42 минута за првпат дојде до плус три, 17:14.
Избраниците на Херона до последните секунди одржуваа резултатската предност и од готово направија вересија. Иако на една минута пред крајот, при водство на Србија од 27:24, изгледаше дека Исланд ќе го загуби дуелот, сепак, островската земја го искористи предвременото славје на Србија и успеа да освои бод во возбудливиот дуел.
Србија во второто коло од групната фаза ќе се соочи со Унгарија, составот на Исланд за втор ривал ја има Црна Гора.
Австрија победнички го започна настапот на континенталниот собир, триумфираше против Романија со 31:24 во натпревар од групата Б.
Репрезентацијата на Австрија добро стартуваше, на почетокот се одлепи на 3:1, имаше активен резултат во најголемиот дел од првото полувреме, но без голема комоција во играта. Романците одлично парираа, во неколку наврати водеа во првите 30 минути и одржуваа чекор со ривалот. Првиот дел заврши со минимална предност за Австрија од 15:14.
Во вториот дел ракометарите на Алеш Пајовиќ бргу се одлепија на 19:15, разигран беше Фримел, голманот Местл бранеше на ниво, па така Австрија до крајот немаше поголеми проблеми за да дојде важна победа.
Австрија во второто коло на Европското првенство за ривал ја има репрезентацијата на Хрватска, која вечерва од 20:30 часот ќе ги одмери силите со „црвената фурија“.