Екипата на Спортинг Лисабон на гостувањето во Полска кај Висла Плоцк се избори за голем бод со кој си обезбеди директен пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите.
Португалскиот тим иако губеше со 28:24, херојски одигра во завршниот дел, а голот за реми, 29:29, беше дело на Торкелсон, кој им донесе голема радост на своите соиграчи.
Одлично издание во гостинскиот тим имаше Мартим Кошта со десет погодоци, а кај Висла Плоцк се истакна Миха Зарабеец со девет и Герго Фазекаш со гол помалку.
Спортинг Лисабон, Фуксе Берлин и ПСЖ завршија со по 18 бода во групата А, но тимот на Рикардо Кошта го освои второто место поради подобрата гол-разлика во меѓусебните дуели.
Бундеслигашот и ПСЖ, како и Динамо Букурешт и Висла Плоцк, продолжуваат во осминафиналето, а Еурофарм Пелистер и Фредериција ја завршија сезоната на европска сцена.
Спортинг Лисабон и Веспрем се патниците во четвртфиналето од групата А, додека од групата Б тоа се Барселона и Алборг.