Словенечко трио пред портите на „македонскиот“ проект од Автокоманда?

Тимот што важи, или важеше за „македонски проект“, може да има тројца нови странци кои се на радарот на Кирил Лазаров. „Синиот-белиот“ дрес од Автокоманда од лето може да го облечат тројца словенечки репрезентативци.

Уште одамна се споменува името на десниот бек Нејц Цехте, а сега тие информации добиваат на тежина откако Мартин Серафимов потпиша за Еурофарм Пелистер, па во Автокоманда од лето остануваат Мартин Велковски и Филип Николов. Цехте по заминувањето од Еурофарм Пелистер игра во бундеслигашот Фуксе Берлин, како замена за Фабијан Виде, а договорот му е до крајот на сезоната.

Во последно време низ многу медиуми се појавија и шпекулации за доаѓање на кружниот напаѓач со дефанзивни карактеристики, Матиц Сухолежник. Тој е искусен пивот кој игра за словенечкиот Слован Љубљана, но таму доаѓа Роко Трифковиќ од Загреб, па Сухолежник веќе ги разгледува понудите што се на негова маса за продолжување на кариерата. Меѓу тие понуди е и онаа од Автокоманда.

Третиот словенечки репрезентативец што се поврзува со тимот од Автокоманда е голманот Клемен Ферлин. Тој на лето заминува од Келце, каде што доаѓа Дејан Милосављев, а неговите услуги беа понудени и на Вардар и на Слован Љубљана. Во Љубљана доаѓа Миљан Вујовиќ, а во Скопје ќе се пресели Милан Бомаштар, па се поизвесно е дека Ферлин би можел да се согласи на трансфер во тимот од Автокоманда, кој сака да игра поважна улога во македонскиот ракомет. За Ферлин има понуда и од бундеслигашка екипа.

Во моментов во Автокоманда играат Урош Борзаш и Пал Тордарсон, зимоска беше пикиран и Миљан Пушица, а доколку дојдат триото Словенци, скоро половина странци ќе бидат дел од „сино-белиот“ тим на Кирил Лазаров.

Со оглед на надолната линија на тимот – 2 место 2024, 3 место 2025, а сега многу веројатно 4 место во Супер лигата, јасно е дека стратегијата ќе се менува во Автокоманда и ќе се посегне кон странски опции, а дел од домашните ракометари ќе мора да си бараат нови средини.

[insert page='euro2020-tekst' display='content' public]
[insert page='proba-2' display='content' public]
[insert page='24video-tekst' display='content' public]
[insert page='foto-tekst' display='content' public]