„Сино-белите“ со победа се простија од Лигата на Европа, Војводина загуби кај Силкеборг

Македонскиот вицепрвак го совлада шпанскиот тим Ла Риоха со 28-27 во натпревар што немаше значење, бидејќи и двата тима беа од претходно елиминирани и ја завршија сезоната во Лигата на Европа во групната фаза.

Домашните водеа со 28-26 во финишот, но примија брз гол, па погрешија и шпанскиот тим можеше да организира напад за реми. Се сплеткаа, времето истече, па остана уште слободниот удар кој не успеа да го реализира Заја.

Гостите од Шпанија се одлепија на плус четири набрзина 8-4, а потоа имаа и плус пет, 10-5. Но домаќините не се предаваа и полека ја топеа негативата преку Џонов, Бинго и Велковски, 10-9.

„Сино-белите“ од Автокоманда не се задоволуваа со тоа, па помогнати од одличниот Галевски на голот направија и комплетен пресврт, па до паузата обезбедија водство од два гола, 15-13.

Во второто полувреме беше и 18-14 за македонскиот претставник, но прерано се опуштија и Ла Риоха за кратко време даде пет гола и поведе со 19-18. Во продолжение се играше гол за гол.

Галевски и натаму беше одличен на голот, одбрани и пенал кога неговиот тим имаше двајца ракометари помалку, а Стојковиќ доби црвен картон. Во последната минута домашните имаа плус два, 28-26, Ла Риоха брзо намали на минус еден, имаше време и за бод по грешката на „сино-белите“.

Сепак гостите не погодија и бодовите останаа дома. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Митев со десет и Џонов со пет погодоци, додека голманот Галевски имаше 18 одбрани.

Српската Војводина загуби на гости кај Силкеборг со 26-22 и данскиот тим ќе пренесе два бода во главната рунда од Лигата на Европа. Црногорскиот Ловќен загуби убедливо кај Фленсбург со 42-19, а Бојан Маџовски не се запиша во листата, додека Бенфика на Филип Талески (два гола) славеше кај Кристијанштад со 31-27. Ниту Ловќен, ниту Бенфика не продолжуваат во главната рунда.

Романскиот Динамо Букурешт го совлада Шамбери со 36-33 и оди како втор зад Фуксе Берлин во главната рунда, додека Горење сега ќе чека швајцарскиот Винтертур да не победи кај Куенка за да се пласира во ТОП 16.

Лига на Европа, 6 коло, резултати:

АЛКАЛОИД – ЛА РИОХА 28-27
СИЛКЕБОРГ – ВОЈВОДИНА 26-22
ДИНАМО – ШАМБЕРИ 36-33
ФЛЕНСБУРГ – ЛОВЌЕН 42-19
ГОРЕЊЕ – САВЕХОФ 28-28
ЛУЦЕРН – АЕК 39-27
КРИСТИЈАНШТАД – БЕНФИКА 27-31
ТАТАБАЊА – ХРОБРИ ГЛОГОВ 37-24
20:45 БРАГА – НЕКСЕ
20:45 КУЕНКА – ВИНТЕРТУР
20:45 ЕЛВЕРУМ – КАДЕТЕН
20:45 ФУКСЕ БЕРЛИН – ИЗВИЃАЧ
20:45 НАНТ – РАЈН НЕКАР
20:45 ПОВАШКА БИСТРИЦА – СКЈЕРН
20:45 СПОРТИНГ – КОНСТАНЦА
20:45 ГОРЊИК ЗАБЖЕ – ХАНОВЕР