Шешиќ: Задоволство е да се работи со Алушовски, тој го разбира ракометот до срж

Десниот бек Деан Шешиќ игра во одлична форма од стартот на сезоната во дресот на амбициозниот Охрид.

Тој за босанските медиуми вели дека одлично се чувствува во Охрид и дека тренерот Стевче Алушовски му верува.

„Презадоволен сум што и понатаму сум дел од Охрид, одлично ми е овде. Играм скоро по 60 минути бидејќи на мојата позиција игра млад ракометар, кој ме заменува на кратко. Тренерот и соиграчите ми веруваат, а клубот е амбициозен, па сите коцки се поклопија. Се трудам да вратам за довербата на најдобар можен начин и заедно да го подигнеме клубот на ниво погоре“, вели Шешиќ.

Тој во суперлативи зборува за македонската легенда Стевче Алушовски.

„Тренерот се грижи за најситните детали, води сметка како ривалот ја поставува раката, кои му се карактеристични движења…Се гледа дека бил голем играч и дека го разбира ракометот до срж. Големо е задоволството да се работи со таков човек. Многу напредував под негово водство, што се гледа и од моите партии. Фатив континуитет, имам голема самодоверба. Го чекаме плеј-офот, очекувањата и амбициите се да избориме Европа и да бидеме во ТОП 4“, заврши Шешиќ.

Охрид има шест победи и три порази на девет натпревари во Супер лигата, а следен предизвик ќе биде домашниот дуел со Куманово.