Женската репрезентација на Македонија загуби со 22-18 во првиот бараж натпревар од селекцијата на Полска за пласман на СП 2025. Иако нашите ракометарки губеа со десет гола разлика, сепак во финишот ги искористија своите шанси и покажаа квалитет плус.
Многупати досега по висока негатива скоро никогаш не успевале да се вратат во игра, но во Кошалин тоа се случи не поради опуштањето на домаќинот, туку поради подобрата и поангажирана игра.
Селекторот Кристијан Грчевски на својот тајм-аут по високата негатива, ги мотивираше ракометарките дека им треба само серија голови за камбек во мечот, што и се покажа на теренот.
Добрата одбрана помогната од Мицевска во финишот, иако полскиот селектор ги врати и Кобилинска и Балсам на теренот, придонесоа Македонија да не прими гол цели 11 минути и да погоди шест пати по ред. Разликата можеше да биде уште помала ако го реализиравме последниот напад, но и вака не е лошо, ако се знае дека можеше да отиде мечот и во друг правец.
Сега на потег се македонските навивачи. На женски репрезентативен ракометен натпревар сала во Македонија одамна не била полна, но битолчани веројатно ќе го сменат тоа в сабота.
Билетите се продаваат ТУКА, а има останато помалку од 1.000 во продажба. Одново Полска ќе биде фаворит, одново шансите за пласман на СП се на нивна страна, но ако можеа на гости, македонските репрезентативки, со помош на 3.300 македонски грла, ќе можат и на домашен терен да му се спротистават на искусниот ривал.
Полска покажа дека е ранлива, а тоа македонските репрезентативки и стручниот штаб треба да знаат в сабота да го искористат.