Шампионот Еурофарм Пелистер запиша нов триумф во Супер лигата, откако славеше над Прилеп со 32-27 во последната проверка пред продолжението на Лигата на шампионите и битката за осминафинале.
Пелистерци сега имаат 36 бодови на второто место на табелата, додека Прилеп остана на 18 пред последното коло и двобојот со Радовиш, но останаа и шансите за плеј-оф ако им се поклопат резултатите на конкурентите.
Гостите пружаа солиден отпор дваесетина минути, пред домашните да направат серија од пет гола за 13-8, а беше и 15-10. Со голот на Пешевски во последната секунда од првиот дел на пауза им донесе водство на пелистерци, 16-12.
Во второто полувреме избраниците на Наум Танески не се откажаа од битка за бодови кај шампионот. Предводени од Димитриоски и Шипинкоски, прилепчани успеаја да стигнат до реми, 20-20 и да го направат финишот интересен.
Беше 25-24 на седум минути до крајот, откако реализираше Тренчевски, но кога требаше најмногу битолчани беа најдобри – се одлепија на пет гола предност и немаше веќе дилеми околу победникот.
Девет гола за победникот даде капитенот Кузмановски, додека шест пати стрелаше Хекбарт. Голема помош имаа од голманите Брестовац со осум и Хеидарирад со шест интервенции. Во составот на прилепчани се истакна Димитриоски со девет гола, а голманот Ангелески имаше 12 одбрани.

























