Македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов стави потпис на договорот со шампионот Еурофарм Пелистер.
По пет сезони минати во „сино-белиот“ тим од Автокоманда, десниот бек ќе има нов предизвик во кариерата. Како што одамна најави 24Ракомет, Серафимов заминува од тимот предводен од македонскиот селектор и ќе заигра од лето за битолскиот клуб, со кој потпиша договор на две сезони.
Серафимов потекнува од школата на Металург, играше за првиот и вториот тим на овој клуб, со кој има настапи и во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
„Нашиот клуб секогаш бил асоцијација за македонската репрезентација и во секој успех вградил многу свои членови и протагонисти. Затоа секој потпис на македонски репрезентативец многу ни значи. Денес го официјализираме како наш нов член Мартин Серафимов, десниот бек на националниот тим. Тој потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер и од сезоната 2026/27 ќе му се стави на располагање на стручниот штаб. Серафимов во Битола доаѓа од Алкалоид, а претходно го носеше дресот на Металург. Со потписот на 26-годишниот Серафимов нашиот клуб добива квалитет и инвестиција која ќе остави трага во клубот и градот“, се вели во објавата на клубот.
Претходно Еурофарм Пелистер ги продолжи договорите со Никола Граховац, Жарко Пешевски и Ник Хенигман.
























