СЕДМЕРЕЦ: Победа со насмевка

Одамна македонската женска репрезентација не била така супериорна на терен и самоуверена во победата. И одамна девојките во „црвено-жолто“ не влегле и не излегле на терен со насмевка и со крената глава, од прва до последна.

1.Играчите се тие, играта не е

Една победа многу менува. Две уште повеќе. Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлива победа дома против Азербејџан и потоа со уште една гостинска против Литванија, успешно стартуваше во новиот квалификациски циклус. Сега веќе со реално големи шанси да избори пласман на ЕП 2024 кој останува и теоретски да се завери во преостанатите четири дуели.

За македонските ракометарки кои во овој циклус веќе запишаа рекордна победа во официјалните настапи, тоа би бил и прв изборен пласман на големо натпреварување по 2012, ако не се смета настапот на ланското ЕП со загарантирано место како кодомаќини.

Одамна македонската женска репрезентација не била така супериорна на терен и самоуверена во победата. Одамна и не одиграла така лесно и полетно. И одамна девојките во „црвено-жолто“ не влегле и не излегле на терен со насмевка и со крената глава, од прва до последна. Разликата е забележлива и во резултатот и во играта и во ставот. Па и во расположението на публиката. Кога играчите на терен уживаат во играта, ужива и публиката. Тој флуид меѓу актерите и трибините можеби е тешко да се објасни, но дефинитивно, постои. И тоа не е само до победата, го има понекогаш и во пораз.

„Кога ќе имаш самодоверба личи на нешто…“ – напиша еден битолски навивач во еден подруг контекст, но апсолутно точно и за овој.

Смената на клупата и овој пат донесе позитивен ефект за македонската репрезентација. Впрочем, ако сте забележале, има еден посебен наш феномен, македонските репрезентации најголеми подвизи прават токму во првата акција после селекторска смена.

И овој пат, смената донесе победи и задоволни насмевки. Колку и да беше изборот „на прва“ примен со резерва, најмногу поради „машките ангажмани“ на „женскиот селектор“ и летното фијаско со кадетките, но Кристијан Грчевски спонтано успева да се наметне.

По овие два натпревари и со „голо око“ се забележуваат неколку позитивни нешта:

Ја врати самодовербата во тимот и ја придоби довербата од играчите и од јавноста

Ги „скенира“ грешките на својот претходник и тргна во друга позитивна насока.

Тактичката фер ротација, наместо претходно често применуваната казнено воспитната, му даде поширок ростер, ефектно распоредени сили и спокојни играчи.

Наместо пцовки, применува поддршка и пружена рака. Има снимки, споредете ја само реакцијата на актуелниот селектор по црвениот картон на Кипријановска што лесно можеше да биде и пресвртен момент и реакцијата на поранешниот по она несреќно фрлање на Чурлиновска, јасна ќе ви биде разликата.

Ја забрза играта, ги искористи крилата кои претходно стоеја отсечени и неискористени, а реално се еден од главните адути во овој состав. Им даде полна доверба на бековите на нивната „природна“ позиција, па наместо изгубена и секогаш непотполна – добивме компактна, мобилна и на моменти решавачки опасна бековска линија… Впрочем, резултатот е најдобра потврда дека можело и со тоа што се има, а не „би можело“ без тоа што се нема.

Се погодија и првите два противници „по мерка“ и тоа е можеби позитивна околност што придонесе за крајниот ефект. Но, победите сепак, се за пласман на ЕП. И, беа изборени на терен, со тоа што го имаме и со насмевки. А тоа е уште еден голем плус на вкупните +26, што ја ставаат Македонија меѓу најусшните 8 од вкупно 31 репрезентација по првите две квалификациски кола, што воопшто не е мала работа за репрезентација што не многу одамна, со години немаше „помирисано“ победа.

Доволно новиот селектор да добие позитивна оценка за првата сениорска акција. Е, сега тоа што до следната, тренерски пак ќе се кали на Блискиот Исток во машка формација останува отворена тема за понатаму. Фактот пак, што реално, и не видовме многу аир од професионализацијата на селекторската позиција отвора малку подруга дискусија.

Резултатите најдобро ќе покажат која е вистинската насока.

2.Шансата на дрвената столица

Уште една значајна и долго очекувана победа викендов предизвика ракометна еуфорија. Кавадарци по речиси деценија и пол дочека европски натпревар и прослави победа. Ракометарите на Тиквеш во европското деби во ЕХФ Купот, понесени од полната сала го победија австрискиот претставник Кремс и со четири гола предност патуваат на реваншот во обид да изборат подолга европска есен.

Ракометарите на Тиквеш доминираа на терен во еуфоричната домашна атмосфера во Кавадарци и на моменти имаа и +7. Никола Матлиески и неговите избраници, од таа перспектива, може да жалат што не ја искористија до крај шансата и среќната „дрвена столица“ да го решат противникот уште во Кавадарци и после мирно да си реваншираат во Австрија.

Ианку, искрено баш и не и разбирам многу која е поентата на кавадаречката дрвена столица што се „разнесува“ со цела тежина на секој тајм-аут, освен можеби како некоја малку потешка амајлија или некоја сентиментална „реликвија“ со која по долги години лани изборија пласман во Европа. Ем одзема драгоцено време од тајм-аутите, ем ич не личи столот од „Треска“ во „европска трпезарија“.

Но, настрана дрвената столица, Тиквеш и Кавадарци можат да бидат и тоа како горди со победата, уште повеќе што таа сезонава е прва и засега единствена победа на македонски претставник во сите европски ракометни купови во машка конкуренција.

3.Да не се засрамиме пред „ел команданте“

Еурофарм Пелистер во последните два настапи во Лигата на шампионите значително го поправи впечатокот, но бодовно сѐ уште е на нула во групата со импресивни противници. Последниот настап на пелистерци против ПСЖ во Париз отвори бројни дискусии и дебати од кои можеби еден дел се оправдани, но друг дел се нејасни, па речиси исто како улогата на дрвената столица во Кавадарци.

Еурофарм Пелистер на сред Париз, во поголем дел, добро се држеше и настојуваше достојно да му парира на големиот противник. Но, во позитивната оценка на негативен резултат, негативна нишка остави и впечатокот дека стручниот штаб на битолскиот тим нема многу голема доверба во домашните млади сили, па се потпреа главно на странскиот арсенал, нели за да не се посрамотат пред „ел команданте“ во Париз.

И направија грешка. Независно дали битолскиот тим ќе се вратеше од Франција со помал или со 1-2 гола потежок пораз, идејата чија и да била, од страна изгледа погрешна и предизвика бројни реакции во јавноста. Можеби и погласни од вообичаено затоа што токму Еурофарм Пелистер игра во ЛШ баш со „домашна постава“ на клупата која ете, од управата доби доверба пред некоја странска варијанта. Сигурно без задршка дека, ете нашите не се кадарни да се носат со големата сцена во ЛШ и дека странски тренер можеби би бил посигурна опција. Исто му доаѓа, и следен пат кога ќе прават голема стратегија, битолските тренери можеби треба да размислат и од таа перспектива.

Друга работа е кога и во најдобра и во не толку добра намерa ќе се премине границата до каде може јавноста да се меша во тренерската работа и во краен случај, во стратегијата и политиката на клуб кој е приватна своина, а не национален проект во функција на националната репрезентација.

Е, тука се мешаат и патриотизмот и ривалитетот и очекувањата, но и аршините. Кога е истата ситуација простена и дозволена како што беше на времето со Вардар и кога е неопростив грев и ненадоместива штета за репрезентацијата пред настапот во јануари како сега со Еурофарм Пелистер?

Ако газдата или инвеститорот е странец, тогаш негово право е каква политика тера во клубот што си е негова приватна своина. Ако, пак газдата е домашен како во Еурофарм Пелистер или во Алкалоид, на пример, тогаш националната агенда е задолжителна. Така?!

Малку како да се измешаа лончињата…