СЕДМЕРЕЦ: Чудни се патиштата ракометни

„Кусата“ победа во дербито со Вардар ја прелеа чашата кај шампионот во Битола. Изненадувачкиот пораз од „фенерџијата“ Вардар Неготино, пак, беше директен повод за тренерската смена во Пролет.

1.Две тренерски смени на четврт сезона

„Да беше ПСЖ во Македонија, Раул сто пати ќе го сменеа“, ме насмеа деновиве еден од коментарите по новата тура тренерски смени во македонскиот ракомет. Први смени сезонава и малку поинтересни од вообичаено поради чудната коинциденција и случките од минатото.

Само што прекрши суперлигашката полусезона на пола, веќе паднаа две тренерски смени. Еурофарм Пелистер го разреши Александар Јовиќ, а во танден со него од морални причини, од клупата се повлече и Звонко Шундовски кој формално во клубот имаше функција на тим-менаџер.

Речиси во исто време, РК Пролет го разреши или официјално, ја прифати оставката на тренерот Алексо Лембанов.

И во едната и во другата смена фатално беше 8.коло во Супер лигата.

„Кусата“ победа во дербито со Вардар ја прелеа чашата кај шампионот во Битола. Изненадувачкиот пораз од „фенерџијата“ Вардар Неготино, пак, беше директен повод за тренерската смена во Пролет.

И битолскиот и скопскиот клуб времено решение на клупата најдоа на најсигурен начин, „меѓу своите“.

Бранко Ангеловски кој неодамна се врати во својот матичен клуб во Битола, во функција на спортски директор, ќе биде на клупата на Еурофарм Пелистер до конечната одлука, на краток или на подолг рок, ќе видиме.

Илија Темелковски пак, се врати на клупата на Пролет на која помина најголем дел од својата долга тренерска кариера, како в.д. тренер, додека  клубот е „во интензивна потрага по долгорочно решение за функцијата шеф на стручниот штаб“.

И едниот и другиот тренер едно време беа „одметнати“ едниот во Скопје, другиот во Битола и „подотпишани од матичните“, па после пак вратени. И едниот и другиот сега се во спасувачка мисија во „преоден период“ во своите клубови. И, и едниот и другиот, тргнаа со победа…

2.Скопје-Битола со повратна карта

Откако по враќањето во Македонија не доби полна доверба во родната Битола,  Бранче Ангеловски ја прифати скопската понуда и стана дел од тренерскиот тим во РК Алкалоид, а лани го предводеше Мулти Есенс и под негово водство новиот прволигаш стана нов суперлигаш. Но, на крајот од сезоната заврши соработката и поранешниот македонски репрезентативец со дргоцено меѓународно искуство, на стартот од новата сезона се врати во Битола како спортски директор на Еурофарм Пелистер во „домашниот пакет“ откако Битола по цели 18 години одново стана шампионски град.

Приказната за поранешниот македонски селектор со РК Пролет е по нешто слична со претходната, но во обратна насока на релација Скопје-Битола и со малку постар датум.

Во октомври 2017 година, Темелковски изненадно ја напушти клупата на Пролет. По меѓусебниот дуел, на „сред сезона“, Темелковски од Пролет замина во Битола и стана тренер на тогашниот Еурофарм Работник. И долго време во „Пролеќе“ му беа лути на Ико за трансферот „од ведро небо“.

Но, велат, со време, лутината стивнува и секој порано или подоцна пак се враќа кај своите.

Сега, и Бранче и Ико, сигурна сум, без двоумење се нафатиле да им помогнат на клубовите со кои ги поврзува нераскинлива врска, и тоа во не баш многу благородната позиција кога треба да спасуваат ситуација во „преоден период“ додека клубот бара „трајно решение“.

Ним не им требаше многу време за адаптација, па и едниот и другиот стартуваа со победи. Темелковски со Пролет освои важни бодови на гостувањето во Прилеп. Ангеловски пак во првиот суперлигашки натпревар со Еурофарм Пелистер, во Скопје го декласира токму својот поранешен клуб Мулти Есенс. Некој ќе рече „одмаздата се сервира ладна“, а некој поформално, дека во професионалниот спорт нема простор за емоции. Во Македонија што е за право, има по малку и едно и друго.

Како и да е – чудни се патиштата ракометни, не знаеш каде ќе те одведат.

3.Под притисок на очекувањата

А, во меѓувреме останува отворена и актуелна темата за брзите тренерски смени и кусото паметење, за (не)трпеливоста и тврдоглавоста, за ускратени или дадени, па неискористени шанси…И на крај дилемата што е најпаметно да се направи, вака или онака?!

Ако добро се сеќавам, а се сеќавам бидејќи не помина ни година, управата на Еурофарм Пелистер го послуша „гласот на публиката“ дека скадинавците не ни го знаат менатлитетот и дека домашно решение е најдобро за битолскиот тим,  па го постави Александар Јовиќ на клупата на „единицата“, до скоро омилен тренер на публиката и фален до небо за подемот што го направи со „двојката“ и за вратената шампионска титула во Битола.

Но, погледот брзо се смени со стартот на новата сезона и пред сѐ со настапите на пелистерци во Лигата на шампионите. Европската елита и тешката група се покажаа како преголем залак за новиот македонски шампион, кој уште пред старт како да остана недоречен со засилувањата. Но и за клупата на која, впечатокот беше дека помалку се измешаа улогите и функциите, па на крај не се знаеше „ни кој коси, ни кој вода носи“.

Стручното водство малку како да ја изгуби сигурноста и насоката под притисокот на очекувањата, на нетрпението на публиката, но и на преголемата импресионираност од големите противници во Лигата на шампионите. Конфузијата потоа го „реши“ и дербито со Вардар, што пак  директно предизвика уште една смена на клупата на битолскиот тим под притисок на јавноста. Тоа некогаш знае да биде доблест и добра одлука ако се друго е под конец, но, некогаш пак, знае да биде и само залудно потрошено време и загубен компас.

За споредба, Вардар тргна во друга насока. Вината за загубената титула и најслабиот пласман во последната деценија се понесе како колективна одговорност, а не само како тренерска грешка. Наместо смена, Владо Недановски доби доверба, а тимот континуитет и кохезија што во многу ситуации се покажа како главен адут на вардарци. Ограничениот буџет пак, го натера поранешниот шампион да троши повнимателно и да внимава што купува што пак резултираше со добро испланирана трансфер политика. Нешто што насушно му недостасува на новиот шампион во Битола.

А, за чудните работи, па нив ги има многу во нашиот спорт број 1 – од комесар што ај што сам се делегира туку треба и сам да се казни оти како судија на терен осум гледа седум брои, до тренери што на официјален натпревар се мерачи на време оти немало кој, па судии тренери и тренери судии, па судии записничари кај еден клуб, оти нели, нема кој… па судии што не судат секому и бараат изземање на клубови оти овие барале изземање на судии…Ееее, што сѐ нема!