СЕДМЕРЕЦ: Берлин, имаме проблем!

По двата порази, два различни впечатоци за македонската репрезентација на ЕП 2024, конечниот сепак, ќе се крои на утрешниот дуел со Швајцарија, дали ќе биде настап под или над црвената линија

1.Ни глава, ни опашка

Најдобрата македонска репрезентација мака мачи на уште едно првенство. По првите два натпревари на ЕП 2024 во Германија веќе е јасно дека и на ова трето по ред вкупно големо натпреварување, второ европско едно по друго, Македонија нема пласман во втората фаза на шампионатот и држи негативен континуитет меѓу оние при дното. Се разбира, ако утре сепак, не се препородиме со победа против Швајцарија.

Иако пред ЕП се молевме да се десат чуда и врагови, реалноста е малку подруга и во оваа група нереално беше да се очекува или да се бара Македонија да ја изненади Франција или да ја прегази Германија. Но, да се одигра достојно и да има „глава и опашка“ во играта на репрезентацијата, која да бидеме искрени, веќе не е ни толку млада, а не е ни до толку неискусна, со по три, четири, некои веќе и по 5-6 првенства, тоа е реално.

И ако против Франција и покрај убедливиот пораз на крај, играта и залагањето, особено во првиот дел добија преодна оценка, против Германија, нашите беа како „Австралија со Океанија на европско“. И тоа од оние поегзотичните кои вообичаено пополнуваат бројка на светските првенства.

Може да бараме илјада причини и изговори во силата на противниците и во германските штрајкови и „криви шини“, импресионираноста од фудбалската сцена во Дизелдорф и од бундес атмосферата во Берлин, но тоа тешко дека може да ги оправда сите оние дупките во одбраната, загубени топки, конфузија во нападот и поразителната статистика, посебно на ударната бековска линија.

Ни подготовките оценети како исклучително успешни, ни четирите дена за консолидација по поразот од Франција, очигледно не биле доволни. Или не биле ефектни, по она што го видовме вчера. Вината вообичаено, прво паѓа на селекторот и на стручниот штаб што тој го бира или го прифаќа, со сета аналитика и физика. Но, не може да се амнестираат од одговорност ни играчите кои додека се справат со себе си и со критиките, времето ќе ги прегази.

Подвигот на Швајцарците против Фрација, можеби на нашите дополнително им ги заплетка нозете во дуелот со Германија, но тоа во никој случај не смее да биде ни повод ни причина, ни нешто што и се случува на една сериозна репрезентација што игра на европско првенство да (не)одигра така како што (не)одигра на вчерашниот натпревар.

2.За проектот треба време, за системот памет

Некој ќе рече после битка се сите генерали и селектори, па фрлаат со дрва и камења по нашата најуспешна репрезентација, која, ете, за разлика од другите, барем уште учествува на европски и на светски првенства.

Не. Издржаната критика е за работите што се повторуваат, за шансите што се даваат, а не се искористуваат, за она што може или можело, а не е направено, од оваа или од онаа причина.

Што може да се заклучи од она што го видовме од македонската репрезентација на првите два натпревари на ова ЕП, во однос на претходните два настапи?

Прво – Македонија во оваа репрезентација, намерно или случајно, нема лидер. Нешто што во изминатите децении беше движечка сила во целиот систем и ја влечеше композицијата напред и што сега ни фали како лепче. Уште полошо е што нема ни алтернатива во силен тим „што се чита“ и се надополнува, најмногу видливо по тоа како функционира одбраната.

Второ – најпозитивен и најконстантен впечаток во првите два меча оставија младиот Марко Митев на среден со целосно коректни 3/4 и 3/3, физичка подготвеност и чувство за игра, пикерите Милан Лазаревски (4/6, 2/3) како дебитант и Жарко Пешевски како константа и некако најсигурна опција во нападот (7/8, 4/4). Забележителен блесок против Франција имаше и Иван Џонов во летечка позиција од центар на лево крило. И стандардно, Никола Митревски на голот, кога не е оставен на ветрометина од одбраната.

Трето – назадување кај дел од играчите кои со искуството и зрелоста, по логика на нештатата, на ова првенство требаше да експлодираат во полна сила и играчка зрелост. Причината – лимитирани можности или погрешен систем во кој тие не може да се (с)најдат за да се искористи масимално сè она што го имаме како потенцијал.

Четврто – во голем дел поврзано со првото, бековска линија – под линија и десно и лево. Со Франција десно 0/2, 0/0, лево 3/7, 4/10. Со Германија десно 1/1, 4/6, лево очај 0/4, 1/4 (според официјалната статистика на ЕП). Да бидеме реални, со еден гол од лев бек во ракомет не може сериозно да им се парира ни на Кукови Острови, а не пак на Германија.

Петто – што можеби држи да биде и прво, забележлива промена во ротациите и во ставот на селекторот во однос на претходните две првенства кога упорно и тврдоглаво приоритет беше проектот наместо системот што предизвика и своевиден негативен став во јавноста. За проект треба време, за систем треба памет. Потезите од клупата на ЕП во Германија се потврда дека она претходно на претходните две првенства, ЕП 2022 во Унгарија и СП 2023 во Полска, било погрешен избор и лоша проценка. Селекторот очигледно учи од искуството и оди чекор напред, но македонската репрезентација оди чекор назад и губи три години во кои со подмладувањето требаше да се консолидира новата генерација. Значи, не била злочеста јавноста кога во Дебрецин гиневме од Црна Гора, и во Краков од Аргентина, туку очигледно, лоша била проценката. И извештаите со поминат рок по кои никој не мрдна ни со мал прст да се согледа ситуацијата, да се поправат грешките и да се фати некој правец. Па сега да имаме „и глава и опашка, а не аморфна маса. И за многу играчи – заминат возот по крива шина.

3.Сите играат ракомет, само што едни спринтаат, други цупкаат

На ова ЕП 2024 веќе по првите две кола може многу добро да се види колку е важен системот и пристапот, добра селекција и погодена тактика. И, колку може да залуташ надолу кога не знаеш на каде тераш.

Фарски Острови одиграа нерешено со Норвешка. Резултатот одекна како сензација, играта на Фараните уште повеќе. Како потсетување кога ќе ни се тресат коски од фаворитите со веќе однапред впишано – да не загубиме со повеќе од 10! И кога алибно ќе констатираме – играчите се тие и изборот од неполни два милиони е тој. Фарски Острови имаат неполни 53.000 жители, пола од нив се во сала и ја бодрат репрезентацијата. Оцениле дека ракометот е спорт на кој вреди да се фокусираат, направиле стратегија и напредуваат. Половина од репрезентативците се голобради момчиња кои сакаат да играат и тренираат. И стануваат играчи дури и во нивната лига на островот, а кога ќе ја надраснат играат  и просперираат во Данска, во Германија…Резултатот се гледа.

Швајцарија и’ зеде бод на Франција. Доказ дека упорноста се исплатува колку и да е фаворитот голем на другата страна. И спротивно, дека лежерноста и лошата проценка на терен се казнува.

Хрватска ја прегази Шпанија со речиси перфектен меч оставајќи ги шпанските голмани без ниедна одбрана и во цела еуфорија, потоа речиси нелогично, загуби бод од Австрија. Балкански менталитет на дело, иако Хрватите под водство на новиот селектор покажаа дека и во оваа генерација има играчи што може да ја вратат на подиумот, иако не се старите „каубои“.

Црна Гора со збрканиот Владо Шолa на клупата се измеша за сите пари и од главна атракција на претходното ЕП во Унгарија, спадна на трагедија во Германија.

На БиХ никако да им се погоди селекторот. Ни со Ирфан Смаилагиќ сега пак не им се сите на број, па само тие или Грузија од истата група може да ни го „подобрат“ пласманот на крај.

Тука некаде под долната линија е и нашиот омилен спаринг партнер Грција која на ова ЕП дебитира „во рамките на своите можности“ и најголемите разочарувања Полска и Романија на која изгледа, и по втор пат џабе ќе и биде Чави Пасквал.

Македонија? Финалниот впечаток на крај сепак, ќе се крои на утрешниот дуел со Швајцарија. Под или над црвената линија – зависи како ќе одиграме.

Или ќе биде – Берлин со берлинците. Или, Берлин, имаме проблем!