Се разделија Андоновски и Раховец

Македонскиот стратег Горан Андоновски повеќе не е предводник на косовскиот Раховец, откако двете страни одлучија спогодбено да го раскинат договорот и секој да си продолжи по својот пат.

Искусниот Андоновски клупата на актуелниот косовски шампион ја презеде оваа сезона и заедно со клубот имаа одлични резултати на домашна сцена, а во Европа, поточно во Европскиот Куп, успеаја да поминат едно коло, а во двомечот со Баја Маре немаа многу среќа и останаа без пласман во осминафиналето.

,,Му благодариме на Андоновски за големиот придонес оваа сезона во историските резултати, особено во европските натпревари, и му посакуваме голем успех во понатамошниот дел од кариерата”, напишаа од Раховец.

Охриѓанецот токму во Раховец го имаше првиот интернационален ангажман, а во Македонија со успех ги водеше Охрид и Тиквеш по повеќе наврати. Андоновски на своја адреса има неколку понуди и во следниот период би требало да се знае во кој клуб ќе ја продолжи својата тренерска кариера.