РФМ се „фали“ со младинските категории, а ги нема собрано ниту еднаш во десет ЕХФ недели!

Ракометната федерација на Македонија гордо се фали со успесите на младинските репрезентации, особено машките, но грижата за сите категории во младинските конкуренции не и е силна страна на куќата на ракометот. Оваа есен, во рамките на трите ЕХФ недели за женските репрезентации, ниту еднаш не беа собрани ниту кадетките, ниту младинките, кои во 2025 година ги чекаат настапи на ЕП 2025 во Црна Гора.

Иако голем дел од младинската селекција беше во сениорскиот тим, тоа не е изговор да не се проверат оние кои се блиску до националната селекција. Дури и да нема пријателски натпревари, барем собири и тренинзи би биле од големо значење за развојот на младите ракометарки.

Додека сите останати сериозни федерации кои обрнуваат внимание на младинските категории, организираат собири и пријателски натпревари, нашата федерација веројатно има поважна работа од развојот на младите. Во септември, октомври и ноември, беа пропуштени ШЕСТ собири на женските младински селекции. Кога ќе дојде времето за настап на ЕП во јули и август, можеби треба да бидеме подготвени за двоцифрени порази.

Ништо подобро не минаа кон крајот на оваа година ниту машките репрезентации. Кадетите и младинците немаа собир во ноември, а нема да имаат ниту во декемвриската ЕХФ недела. Очигледно во РФМ решиле да „штедат“ на младинските категории, иако државната помош што ја добија не е воошто мала.

Младинците ги чека настап на Мундијалот во Полска, а до собирот пред СП, ќе имаат уште две шанси за собир, но јасно е дека РФМ нема да им даде многу шанси за заеднички тренинзи или пријателски натпревари.

Ако се знае дека ИХФ во 2025, односно 2026, воведува и пионерско Светско првенство, односно Мундијали за ракометарки до 16 години и за ракометари до 17 години и ако се знае дека Скопје ќе биде домаќин на Европскиот Олимписки фестивал во јули каде треба да играат пионери и пионерки, а во РФМ немаат „абер“ за селективни тренинзи, а камоли за формирање репрезентации во оваа возрасна категорија.

Кога ќе се „фалат“ дека младинските селекции ги „издигнале“ од непостоечки до ниво да играат на ЕП или СП, треба да нотираат дека заслугата оди најмногу на ракометарите, ракометарките и стручните штабови, а не на „одличните услови“ што ги обезбеди РФМ, почнувајќи од сместување, храна и сали за тренинзи…