Сезоната 2026/27 може да донесе многу новитети во европските купови во машка конкуренција. Најавено проширување од 16 на 24 екипи во Лигата на шампионите ќе донесе повеќе екипи што во моментов играат во Лигата на Европа, што ќе значи и повеќе интересни натпревари.
24 Екипи треба да бидат поделени во шест групи по четири екипи, а по 6 кола од прелиминарната рунда, прво и второпласираните екипи би обезбедиле место во главната рунда, каде ќе играат 12 екипи (група 1 – најдобрите шест од сегментот А, Б и Ц, група 2 – најдобрите шест од сегментот Д, Е и Ф) со пренесување на бодови од меѓусебните дуели.
По осум одиграни кола, најдобрите четири екипи од секоја група обезбедуваат место во четвртфиналето, а победниците од тие двомечи ќе играат на завршниот турнир во Келн. Новината е што 12 екипи што ќе бидат елиминирани во прелиминарната рунда во Лигата на шампионите, ќе продолжат во Лигата на Европа.
Лигата на Европа од 32 екипи би требало да биде скратена на 24 екипи, кои би биле распоредени во шест групи по четири екипи, но ќе има две фази. Во првата фаза, прво и второпласираните екипи по шесте одиграни кола ќе се преселат во втората фаза, додека трето и четвртопласираните би требало да продолжат во ново формирано европско натпреварување што најверојатно ќе го носи името Европски трофеј.
Најдобрите 12 од првата фаза се пласираат во втората фаза, каде што доаѓаат уште 12 екипи елиминирани од прелиминарната рунда во ЛШ. Тоа значи уште четири меча и по нив осум екипи ќе бидат елиминирани, додека 16 ќе продолжат во осминафиналето (сите прво и второпласирани од шесте групи и најдобрите четири третопласирани). Потоа следува четвртфинале, па Ф4 турнир.
Третото натпреварување кое има работен назив „Европски трофеј“ треба да се игра со 24 екипи (6×4). Најдобрите 12 се елиминирани, а по првата групна фаза 12 продолжуваат во втората фаза или главна рунда, каде им се придружуваат елиминираните 12 од Лигата на Европа. Се играат четири кола, по што првопласираните екипи и најдобрите две второпласирани се пласираат во четвртфиналето, по што следува полуфинале и финале со по два натпревари.
Четвртото натпреварување ќе продолжи да го носи називот ЕХФ Европски Куп, а системот на натпреварување ќе остане истиот што е актуелен и во овој момент, со прво, второ, трето коло, па осминафинале, четвртфинале, полуфинале и финале, со по два меча во системот дома-гости.
Одлуките за тоа како ќе изгледаат европските купови ќе биде донесена на следниот состанок на Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација пред ЕХФ конгресот во септември.