Ракометна „двојка“? Легендарниот Вујовиќ со предлог што може да го промени ракометот!

Легендарниот ракометен тренер Веселин Вујовиќ повторно ја „вознемири“ ракометната јавност со идеја која, доколку се реализира, би можела да значи вистинска револуција во правилата на играта.

Човекот кој како играч и тренер остави длабок печат во југословенскиот и европскиот ракомет, но и во Вардар и Маедонија, смета дека е време за храбар чекор напред и суштинска промена која ќе внесе поголема драма и неизвесност во завршниците на натпреварите.

Вујовиќ предлага воведување нова линија на 9,25 метри, од каде што погодокот би вредел два гола, по примерот на тројката во кошарката. Според него, ваквото правило би ја направило играта подинамична, тактички побогата и значително понеизвесна.

„Јас предложив да се воведе нова линија на 9,25 метри и погодокот од таму да вреди два гола. Замислете – губиш со четири разлика на минута и пол до крај, а натпреварот сè уште не е решен. Крилото тргнува во контра, нема да шутира од шест, туку од десет метри за два гола. Нешто мора да се случи“, објасни Вујовиќ во гостувањето во „Еден на еден“.

Според искусниот стратег, модерниот ракомет премногу често во завршниците станува предвидлив. Тимовите кои водат рутински ја „затвораат“ играта, додека оние што се во негатива немаат реален механизам за враќање.

Тој смета дека токму тој елемент на непредвидливост му недостига на денешниот ракомет, а правилата не им дозволуваат доволно простор на тренерите тактички да влијаат во клучните моменти.

Во тој контекст, Вујовиќ направи паралела и со НБА лигата, осврнувајќи се на системот на тајм-аути.

„Во НБА имаш три тајм-аута во завршница. Зошто и кај нас да не можам во последните два напада да ја подготвам екипата како што сакам?“, вели Вујовиќ.

Идејата за таканаречена „ракометна двојка“ сигурно би предизвикала бројни дебати – од фер-плеј и тактички последици, до промена на профилот на играчите кои би станале клучни во финишот на натпреварите. Но, кога ваква идеја доаѓа од личност како Веселин Вујовиќ, таа не може да се игнорира.

Дали ракометот е подготвен за ваква промена останува отворено прашање. Но едно е сигурно – кога Вујовиќ зборува за иднината на играта, тоа секогаш предизвикува сериозна дискусија.