Пуштени билети во продажба – салата „Јасмин“ ќе биде претесна за европскиот дуел на Тиквеш

Амбициозниот тим на Тиквеш овој викенд ќе ја стартува долгоочекуваната европска авантура. Кавадарчани настапот во Европа, поточно во Европскиот Куп, ќе го започнат од второто коло, во кое за ривал го имаат незгодниот тим на Кремс.

Тиквеш првиот дуел против Кремс ќе го одигра на домашен терен и ќе се обиде да оствари поволен резултат пред реванш дуелот, кој ќе биде одигран на 21 октомври во Австрија.

Раководството на Тиквеш информираше дека од денес започнува продажбата на билети за дуелот со австрискиот тим.

Цената на билетите е 300 денари, а од клубот известија дека блок билетите за домашните натпревари ќе важат и за европскиот дуел.

Првата средба меѓу Тиквеш и Кремс ќе се одигра во недела (15 октомври) во спортската сала „Јасмин“ со почеток од 19:00 часот.