Прв жолт картон за Металург Автокоманда – следува ли исклучување од лигата?!

Тимот на Металург Автокоманда не го одигра мечот со екипата на Чаир од 14 коло во Супер лига и сосема извесно ќе го загуби службено со 10-0.

Во следното коло Металург Автокоманда гостува кај Вардар и ако не го одигра мечот, според пропозициите ќе биде исклучен од лигата, а со оглед на тоа што ќе бидат одиграни 15 кола од вкупно 28 кола или повеќе од 51%, тогаш сите натпревари до крајот на сезоната ќе бидат регистрирани службено со 10-0, но и по минус еден бод од салдото од 23 бода.

Клубот поради финансискиот крах остана без сите ракометарки од првиот тим, а голем дел и од младинските категории веќе пронајдоа нови клубови.

Од клубот нема официјален допис до македонската ракометна куќа дека се откажува од лигата, па затоа нивните средби од 14 и од 15 коло ќе бидат дел од делегирањето.

Во моментов на табелата, Ѓорче Петров и Металург Автокоманда имаат по 23 бода, додека Чаир е трет со 22, а сега со службените бодови ќе има 24.