Стручниот штаб на селекторот на женската сениорска репрезентација, Кристијан Грчевски, ќе биде дополнет и со тренер на голмани.
Станува збор за српскиот тренер на голмани, Бранко Цвијетиќ, кој има богата кариера и во машкиот и во женскиот ракомет.
Цвијетиќ цели петнаесетина години до 2015 беше тренер на голмани во неговиот матичен клуб Колубара, а потоа работеше во женските клубови Раднички Белград, Металац, Железничар и Партизан.
Меѓу голманките со кои има работено Цвијетиќ се Марија Симиќ, која беше МВП на младинскиот ЕХФ шампионат во 2021 година и Татјана Чинку, која беше прогласена за најкорисен играч на СП за кадетки во 2024.
Селекторот Грчевски за претстојната репрезентативна акција го повика триото голманки – Јована Мицевска, Драгана Петковска и Матеа Чурлиновска, кои пред пријателскиот двомеч со Србија ќе имаат можност да работат со Цвијетиќ.
Главниот предизвик оваа година за сениорките ќе биде бараж двомечот со Полска во април за пласман на Мундијалот во Германија и Холандија.