Женската репрезентација на Македонија денес ќе го одигра вториот натпревар во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.
Македонија за втор ривал ја има незгодната Литванија и со победа против балтичката земја практично ќе го завери билетот за континенталниот собир.
Во споредба со првиот натпревар сега во составот не се Амра Терзиќ, Милица Николиќ и Марија Тасевска, а шанса ќе добијат Леонида Гичевска, Сања Дабевска и Јована Мицевска.
Како што е познато, македонската репрезентација на првиот натпревар убедливо го совлада Азербејџан. Освен со двете споменати репрезентации, избраничките на Кристијан Грчевски ќе играат и со светскиот првак од 2019 – Шпанија.
Македонија досега има шест настапи на ЕП (1998, 2000, 2006, 2008, 2012, 2022), а најголем успех е седмото место на домашното ЕП во 2008 година.
Натпреварот меѓу Литванија и Македонија ќе се одигра во „Авиа Солушнс Арена“ од 15:00 часот.