Победа за Гинис – Охрид даде 70 гола и славеше со 69 разлика!

Во рамки од 4. коло од пионерската лига во машка конкуренција беше поставена уште една нула на полувреме, но и остварена можеби највисоката победа во историјата на ракометот во Македонија.

Бидејќи Ракометната федерација на Македонија (РФМ) не води евиденција и архива од минатото, посебно во периодот на 90-те години, со сигурност не може да се потврди дека победата на пионерскиот тим на Охрид против Јуниор КВ е највисока досега.

Пионерите на Охрид, кои се лидери во групата А, на гостувањето кај Јуниор КВ во Автокоманда за 40 минути постигнаа дури 70 погодоци. Охриѓани го совладаа Јуниор КВ со неверојатно 69 гола разлика, 70:1, a на полувреме резултатот беше 33:0.

Јуниор КВ не постигна гол ниту на дуелот со Вардар, кој славеше со 36:0, додека од Голден Арт загуби со 40:2 (27:0).

За потсетување, оваа сезона во натпревар од македонската Прва лига, некогашниот македонски шампион Борец на гостувањето кај Младост во Богданци загуби со 48 гола разлика, 56:6. Цело полувреме на страната на гостите остана нула на семафорот…

Низ историјата, некогашниот европски првак од Македонија, Кометал Ѓорче Петров во 1994 година го има совладано Тутински комбинат Прилеп со 50:0 (26:0).

Екипата на Вардар во рамки од Втората лига на Југославија (Група Југ) го декласираше Металург со 69:11 (31:4).