По драматичната победа над Бразил, женската репрезентација на Унгарија одигра уште еден трилер меч, но овојпат не успеа да го реализира последниот напад против Ангола и мечот заврши 31-31.
Избраничките на Владимир Головин имаа пенал, Клујбер не го реализираше, но и покрај тоа десниот бек се избори за нов унгарски напад на триесетина секунди до крајот.
Залудно беше потрошено време, не беше упатен добар удар кон голот на Ангола и двете страни мораа да се задоволат со по еден бод.
Унгарките во првиот дел водеа и со четири гола, но дозволија комплетен пресврт и африканскиот тим на пауза да замине со предност, 16-15. Во второто полувреме Ангола диктираше темпо и ја имаше контролата, но не успеа да направи позначаја разлика, па во финишот имаше резултатска клацкалка и игра гол за гол.
Најдобри стрелци во составот на Унгарија беа Клујбер со девет и Шатцл со шест гола, додека Касома постигна девет за Ангола.